Пазењето на совеста е разнообразно: човекот треба да ја пази по однос на Бога, по однос на ближните и по однос на предметите.
По однос на Бога совеста ја пази оној кој не ги пренебрегнува Неговите заповеди, па дури и во она што луѓето не го гледаат и не го бараат од нас – тој ја пази својата совест по однос на Бога во тајност. На пример, ако некој станал мрзлив за молитва или, пак, страсна помисла влегла во неговото срце, а тој не ѝ се спротивставил и не се потрудил, туку ја примил. Исто така, ако некој го видел ближниот како прави нешто или говори нешто и, по обичај, го осудил. Накратко, треба да пазиме на сè што се случува тајно и никој не знае за тоа, освен Бог и нашата совест: и тоа е пазење на совеста по однос на Бога.
Пазењето на совеста по однос на ближниот бара да не правиме ништо такво, што знаеме дека би го ожалостило или соблазнило ближниот, со дело, или збор, или изглед, или поглед, бидејќи и со изгледот, како што често повторувам, па дури и со погледот може да се ожалости братот. Накратко речено: човекот не треба да прави ништо, што знае дека намерно го прави за да го ожалости братот. Со ова се осквернува неговата совест, бидејќи сознава дека тоа е направено со цел да го навреди братот или да го ожалости. Ова и значи да се пази совеста по однос на ближниот.
Пазењето на совеста по однос на предметите се состои во тоа, човекот да не се однесува небрежно со некој предмет, да не дозволува да се расипува и да го фрла туку така. Ако видиме нешто фрлено, тоа не треба да го пренебрегнуваме, макар да е ништожно нешто, туку да го кренеме и да го поставиме на своето место. Исто така, не треба да се однесуваме неразумно со својата облека, зашто се случува некој да може да ја носи облеката една или две седмици, па дури и месец, но често пред време ја пере и со тоа ја расипува, а наместо да ја носи пет месеци или повеќе, тој со честото перење ја застарува и ја прави некорисна, а тоа е против совеста. Така и по однос на постелата: некому можеби му е доволна една перница, но тој бара поголема постела, или има рогозина, но сака да ја смени и да земе друга, нова или поубава, заради суета или од очај. Некој може да помине со едно покривало, но бара друго, подобро, понекогаш дури и спори, ако не го добие. А ако почне да му забележува на својот брат и вели: „Зошто тој има, а јас не?“ – таквиот е далеку од преуспевање. Исто така, ако некој ја закачи својата облека или покривалото на сонце, па бил мрзлив да ги тргне настрана и допушти да се расипат од жештината, и тоа е против совеста. Исто и со храната: некој своите потреби може да ги задоволи со мала количина на некој зеленчук или пченка, или со малку маслинки, но тој не го сака тоа, туку бара друга храна, повкусна и подобра, сето тоа е против совеста.
Отците говорат, дека монахот треба да се грижи да не дојде до тоа, совеста да го изобличува за нешто. И така, браќа, мораме да внимаваме на себеси постојано и да се пазиме од сето ова, за да не се подложиме на онаа беда, за која Самиот Господ нè предупредува, како што погоре спомнавме. Нека Бог ни даде да го слушаме и исполнуваме ова, па зборовите на нашите отци да не ни бидат за осуда.
извор- http://mistagogia.mk/ava-dorotej-za-sovesta/