Еден монах отишол кај Ава Пимен и му рекол:

– Оче, дојде еден монах за да земе совет од тебе.

А, Ава Пимен го прашал дојдениот монах:

– Со што се занимаваш? Како ти оди?

– Си ја садам нивата, главно со ниви се занимавам, сакам да го работам тоа, а тоа што ќе го соберам го давам на сиромашните како милостина.

– Добро правиш! Продолжи така!  – Му рекол Ава Пимен и погледнувајќи во неговата душа му го видел срцето и при тоа разбрал многу работи.

Еден друг монах го дознал тоа и му рекол на Ава Пимен:

– Добро бе, оче, не ли ти е срам? Зарем не се плашиш од Бога? Дојде еден монах да те праша за совет, а ти му велиш: „Добро правиш што се занимаваш со нивите“! Тоа не е совет! Така го пренасочуваш од она што е важно!

Ава Пимен имал навика да молчи пред таквите луѓе. Тишина… По неколку дена, Ава Пимен повторно го повикал монахот кој се занимавал со нивите, а оној што му забележувал бил во близина. Пред него Ава Пимен му рекол на монахот:

– Слушај, отец! Што ми кажа пред неколку дена – дека се занимаваш со ниви?

– Да, оче, ти реков дека ја обработувам мојата нива.

– Па, отец, погрешен совет ти дадов. Знаеш, мислев дека ми кажуваш за твојот брат од светот, дека тој има ниви. Ти си монах, не треба да имаш ниви и да се занимаваш со нив. Ти мора да извршуваш духовна работа, а тоа што го работиш не е достојно за монасите. Дали ме разбра? Те молам, веднаш прекини го тој труд!

И тајно му рекол на другиот монах:

– Отец, дали е сега сѐ во ред? Го поправив ли? Дали си задоволен?

– Секако! – Тој одговорил. Сега му го даде вистинскиот совет, за разлика од претходниот за нивите! Сега му го кажа точно она што му треба, тој е монах и не смее да прави такви работи.

– Слушни го сега и одговорот што ќе ни го даде нашиот брат – му рекол Ава Пимен.

– Па, оче, што мислиш? Ќе престанеш да работиш на нивите, нели?

А тој, кутриот, му рекол:

– Слушај, отец! Проштевај, но јас не можам ништо друго да правам. Ова знам да го правам, тоа ми се допаѓа и не можам да го сопрам! Не можам да го послушам твојот совет. И те молам, ќе продолжам понатаму, а и не знам кога ќе дојдам повторно да те видам. Не се чувствувам добро во ваква ситуација.

Тој, затворајќи ја вратата, си заминал крајно загрижен и разочаран, со отсечени крилја.

А другиот, кој се претставуваше себеси дека е супераскет и суперправославен, му рекол:

– Отец, прости ми! Направив грешка што ти реков да го поправиш. Прости ми!

Ава Пимен му одговорил:

– Отец мој, тоа што ти ми го кажа, и јас го можам: да проповедам и да се преправам дека сум учител, да ги „сечам“ сите и да им велам: „Сопри го тоа, забрането е“! Знаев дека нивите не се дело на еден монах, но му зборував согласно на неговото рамниште, на неговата мисла и помисла, се прилагодив и најмногу од сѐ го поттикнав да се подвизува. Тоа беше мојата цел. И уште повеќе! Овој монах има ниви, и знаеш ли што ми кажа? „Она што ќе го соберам, го давам како милостина на сиромашните“. Јас се насочив кон љубовта. А сега знаеш ли што всушност постигнавме? Тој си замина натажен, го нажалив со тоа што го кажав за ти да се зарадуваш. И сега повторно ќе го прави истото. Но, ние му ги одзедовме радоста и мирот што ги чувствуваше во својата добротворност. Го збунивме и посрамотивме без причина.