Сум среќавал деца чиј израз на лицето не е детски, туку буквално искривен во грчот на злобата. Тие со некоја омраза гледаат на своите родители, како да сакаат да им се осветат за своето раѓање. Сум видел мало дете кое како ѕвер со рацете го гребе својот татко и како го удира по лицето, а таткото буквално го оправдува со зборовите: „Мојот син е нервен уште од раѓање“. Таквите деца се агресивни; ги кршат своите играчки, во туѓи домови земаат работи и ги фрлаат на земја; со некоја дрскост гледаат на луѓето околу себе; во храмот врескаат, бегаат за време на литургијата, намерно им пречат на луѓето во молитвата; понекогаш нивниот поглед станува толку суров и мрачен што ни се чини дека се тоа очи на демонот, а не очи на дете. Во една пригода го прашав сиархимандритот Серафим (1), како треба да се постапува со вакви деца, дали над нив треба да се служи чинот на изгонување на зли духови.
Одговорот беше: „Некои од нив навистина се опседнати од демони или се раѓаат болни, особено кај родители алкохоличари и наркомани, но повеќето од нив не се болни ами развратни од погрешно воспитување. Сега родителите сметаат дека е невозможно да се казнуваат децата, а гревот живее дури и во малото дете. Ако не го пресечеме, тогаш гревот ќе расте. Некои родители се трудат да ги исполнат сите желби и каприци на своите деца и потоа децата бараат таткото и мајката да им се потчинуваат на секој збор. Така израснуваат малечки хамови (2), чии први жртви се токму нивните родители. Детето треба да се казнува разумно инаку тоа ќе израсне во несреќен и неблагодарен човек.“

Потоа го прашав: „А како е можно да се казни дете ако има одвај една или две години?“
Отец Серафим ми одговори: „Треба да му се запрети со прстот и да му се каже ’НЕ‘ и детето ќе разбере. Детето повеќе го разбира тонот на гласот со кој му се обраќаме отколку значењето на зборовите.“ Повторно прашав, дали е можно физички да се казни детето; дали поради тоа би станало плачливо и нервозно. Ми одговори: „Понекогаш е неопходно да се казни детето, само тоа треба да се направи без злоба. Поголема штета на детските нерви прават родителите кои го казнуваат и во исто време му ласкаат на детето, како да му се извинуваат за казната. Покорисно е физички да се казни детето, отколку со часови да го малтретираме со зборови.“ Старецот сметаше дека порано, во старите времиња, родителите умееле подобро да ги воспитуваат своите деца; умеренета болка од ременот или прачката воопшто нема да го повреди детето, ами ќе го вразуми.

 

 

Познатиот американски психолог Роџерс еднаш гостуваше во Тбилси (Грузија). Од свои колеги дознал дека во Тбилси постои неофицијална група од млади луѓе кои ги изучуваат психолошките проблеми, особено проблемите на взаемните односи и комуникацијата. Тој се заинтересирал за нивната работа и изразил желба да се запознае со водачот на оваа група, Виктор Криворотов. После разговорот со него, Роџерс рекол: „Вие сакате врз основа на христијанската концепција да ги решавате психолошките прашања, на пример на детето му нудите подготвена програма за моралот, а всушност треба да подготвите услови за слободен природен развој, морален потенцијал поставен во самото дете без надворешно влијание и принуда“. На ова Криворотов му одговорил: „Ако во својата градина вие создадете услови за слободен раст и размножување на сите растенија, а го отстраните дејствувањето на градинарот, тогаш плевелот ќе го задуши цвеќето.“ Роџерс не знаел што да одговори на ова, па авторитативно изјавил: „Тоа нема да се случи“, скоро буквално повторувајќи ги зборовите на херојот на Антон Чехов: „Тоа не може да биде, затоа што не може да биде“. (3) Присутните благо се насмевнале за да не го навредат стариот хуманист кој им бил гостин.

***
Неколку години бев старешина на црквата Св. Георгиј во Илора. Тој храм бил отсекогаш почитуван во Западна Грузија. Во храмот се чуваа две икони исковани во сребро, кои на црквата и ги дарувал кнез Леван Дадијан. Иконите се сметаа за чудотворни. Заклетвата дадена пред иконата на Свети Георгиј се сметала за света и непогазлива. Низ народот се ширеле преданија, како за неисполнување на заклетвата дадена пред Великомаченикот Георгиј, клетвопрестапникот го стигнувала сурова казна која го следела како сенка. Имало случаи кога цели семејства биле жртва на несреќи, па дури и потполно исчезнувале цели семејства поради лажно заколнување или погазување на зборот на некој од предците во фамилијата. Славата за чудесата на иконата на Свети Георгиј ја обиколувала цела Западна Грузија. Немало село каде не се знаело за силата на Великомаченикот Георгиј, невидливо присутен во илорскиот храм. Овде многу луѓе добивале исцеление, особено од душевни болести и од онаа состојба која се нарекува опседнатост со демони.
Во времето на прогонот, кога храмот Свети Георгиј бил затворен, поклониците не престанувале да доаѓаат до неговите ѕидини, а жителите на тоа место на свој ризик ја чувале иконата на Свети Георгиј и кога храмот бил повторно отворен, ја донеле во црквата.

Мноштво поклоници од Мегрелија доаѓале на поклонение на Свети Георгиј, особено во периодот помеѓу Пасха и Педесетница.
Еднаш во Илори стигна една жена од Ткварчелија со молба да појдам со неа и да го причестам нејзиното дете. Ги зедов Светите Дарови и отидовме во градот кој се наоѓаше во планините. Патот беше како јамка која ја обвива планината. Целата околина тонеше во зеленило. Прв пат бев во Ткварчелија кој се распостила на неколку планински ливади кои се издигаат една над друга. Некогаш овде имало мала населба, но овде пронашле залихи на јаглен и селото прераснало во работничка населба, па набрзо и во град. Се зборуваше дека реката Гализга, која тече покрај Ткварчелија, порано била проѕирна и чиста како солза. Постарите зборуваа: „Во Гализга половина е вода поливина риби“. Сега таа беше претворена во црн и мртов поток, каде го мијат јагленот. Таму нема живот, како во Мртвото Море во Палестина.

 

 

Многукатните домови во Ткварчелија се изградени по еден модел, сите си наликуваат една на друга како близнаци или како одраз во огледало, едно и исто лице. Се качивме на третиот спрат и влеговме во собата. Сопругот на мојата сопатничка брзо се поздрави со нас и излезе. На креветот седеше дете, потпрено на перници. Кога го погледнав срцето ми затрепери, се сетив на иконата „Детството на Св. Јован Крстител“. Строг и дури величествен лик имаше тоа десетгодишно дете, како да не беше болно и приковано за постела од неизлечива болест, туку како да беше цар кој прима гости. Детето беше слепо. Мајката, инаку медицинска сестра, ми рече дека после третата година му откриле вода во мозокот и лекарите ѝ рекле дека нема да живее долго. „Во домот имавме – велеше таа – икона од Казанската Мајка Божја, благослов од моите родители. Почнав да ѝ се молам да не дозволи мојот син да умре, Господ да ми испрати друг Крст, само не смртта на синот. И се случи чудо. Мојот син остана жив, но осуден е целиот живот да го помине во постела, ослепе и му се одзедоа нозете. Одам по него како по бебе“. Ја прашав, веројатно неумесно и грубо: „А да знаевте дека вашиот син ќе биде ваков страдалник, дали ќе се молевте за неговиот живот?“

Таа ме погледна со прекор и ми рече: „Тој е мојата среќа, го љубам повеќе од сè на светов, ние се молиме заедно. Кога сум на работа размислувам само на тоа што побрзо да помине времето да се вратам кај мојот син. Со мажот ми се менуваме покрај неговата постела; тој исто така го сака својот син, но не верува во Бога. За него болеста на нашето дете е многу поголема жалост отколку за мене. Мојот син понекогаш му зборува на маж ми: Зошто со тебе не се молам како со мама?, а тој му одговара: Ти моли се, а јас ќе те слушам. Тој не е верник, но е умен човек и не сака да го отруе синот со отровот на неверието.“
Во животот сум видел големи подвижници и старци, но си дозволувам да кажам дека слична благодат почувствував во тоа детсетгодишно момче. Неговата мајка ми рече дека тој непрестајно се моли и дека тој друг живот освен молитвата нема.
Го исповедав и го причестив детето. Му зборував за Исусовата молитва, за книгата „Кажувањата на Божјиот трагач по својот духовен отец“ (4), а тој внимателно ме слушаше. На неговото лице имаше радост, тивка и длабока радост од Причеста. Мене ме порази и тонот на неговиот глас. Обично децата зборуваат емоционално, како да брзаат да го споделат она што го мислат или она што го виделе, а тој зборуваше со спокојство и стабилност, како што обично зборуваат луѓето кои изминале долг животен пат. Тој беше дете – Маченик и во исто време избраник Божји, според мене најсреќен меѓу своите врсници.

 

Во својот живот сум видел благодатни деца, буквално обележани со посебен знак. Некои од нив Господ ги зема кај Себе уште во детството за да не се извалкаат во калта на животот. Видов еднаш дете на смртна постела, кое паднало во лонец со зовриена вода и добило смртоносни изгореници. Детето имаше само три или четири години. До тогаш мајката често го носеше во Црквата на Причест. Тоа умираше во тешки маки, но ниту врескаше ниту плачеше. Кога му пријдов ми зададе неочекувано прашање: „Зошто добрите деца умираат рано?“. Му одговорив: „Затоа што Ангелите ги чекаат за да ги земат со себе“. Ги затвори очите и ми се чинеше како да се насмевна на моите зборови.
Кај еден Светител читав дека Бог го прима човековото преобраќање во секое време, но дека најдобра возраст за духовниот живот е детството, кога душата е мека како врел восок. Затоа најдобра возраст за Исусовата молитва е раното детство, колку порано се научи на неа толку подобро. Таа света молитва треба да му се чита уште како новороденче. Детето е поблиску до духовноиот свет од нас. Она што ние пробуваме да го сфатиме со разумот, детето непосредно го чувствува и го впива во себе. Некои родители сметаат дека детето треба да созрее, па дури потоа да го учат на христијанството. Тоа е голема грешка. Душата на детето поседува способност за посебно духовно знаење и духовна проникливост, подоцна тоа го губи овој дар и станува како младото нежно стебло кое постепено добива груба кора.
Постои предание дека кај Сократ дошла мајка со дете и го прашала како да го воспитува детето. „На која возраст е?“, ја прашал мудрецот. „Има само две години“, одговорила мајката. „Доцна е, веќе не треба да го воспитуваш ами да го превоспитуваш“, одговорил Сократ.
*
***
*

Во една прилика ме повикаа на погреб во Зугдиди. Погребот во Мегрелија се смета за еден од најважните настани. По неколку стотици луѓе од различни градови и села, роднини и пријатели на семејството, доаѓаат за да се простат со покојникот. Во Мегрелија постои сложен ритуал – оплакување на покојникот и неговиот погреб е особена свеченост со изразен трагизам. Таа традиција има корени од античко време што им дало за право на историчарите да пишуваат за „култот на мртвите“ во Колхиди (Западна Грузија). Трпезата после погребот, како и обично, заврши доцна и мене ме повика едно семејство верници да преспијам кај нив. Таткото беше скромен и срамежлив човек кој во младоста, од за мене несфатливи причини, доспеал до затвор во Сибир и таму ја запознал својата идна сопруга. Имаа две деца, едното пет другото седум години. Во собата на долниот кат гореше печката, никој не сакаше да оди да спие и затоа долго разговаравме. Во тоа време немаше духовни училишта и скоро и да немаше духовна литература. Луѓето се учеа на христијанската вера еден од друг, „ловејќи зборови во лет“. Разговорот започна за сухомските подвижници. Домаќините ме прашаа зошто луѓето заминуваат во планина и што прават таму. Како одговор почнав да им зборувам за Исусовата молитва, со која во безмолвие се занимаваат пустиниците. Моите радосни домаќини ме молеа подетално да им објаснам за Исусовата молитва. Беседата се продолжи до полноќ. Ми се чинеше дека децата веќе спијат, но тие притаено слушале. Другиот ден, пред заминување, домаќинката ми рече: „Мојот син утрово ми рече, дека кога го слушнал нашиот разговор, почнал да ја изговара Исусовата молитва и ја повторувал долго, дедека не заспал. Тој со воодушевување ми зборуваше колку му било убаво таа ноќ и утрото кога се разбудил, и дека до сега не почувствувал таква радост“. Се разделивме како да сме роднини. Ме однесоа назад во Илори, каде ме чекаше изненадување – полна ќеса со храна од погребот. Во Мегрелија не се подготвува месо за трпезата после погребот, па така имавме монашка трпеза. Му кажав за оваа случка со Исусовата молитва на отец Георгиј (Булискериј), а тој ми одговори: „Многу добро, сега детето често ќе си ја повторува“.

 

Ми имаа раскажувано и за еден друг случај. Една девојка патувала во Загорск и таму отците ја научиле на Исусовата молитва. После неколку година таа се омажила, но и покрај световните грижи и обврски, не ја оставала Исусовата молитва. Кога се подготвувала да стане мајка, ја читала молитвата на глас за да ја чуе нероденото дете и така уште во утробата да се моли заедно со мајка си. После породувањето, кога го успивала бебето, таа пак ја повторувала Исусовата молитва и тогаш бебето прекинувало да плаче и се смирувало во нејзините раце. Во нејзината соба имало неколку икони, а наспроти нив имало закачено фотографии и слики. Таа почнала да забележува дека детето често го насочува погледот кон иконата на Христос Кој седи на престол. Долго и внимателно гледало во тој лик, како да распознава некој одамна познат. Понекогаш детското лице изгледало како да гледа некого во собата и како да сака да зборува, но не може.
Мајката треба над детето да го чита Светото Евангелие и молитвите, особено Исусовата молитва, оти таа е тој небесен балзам кој се излева во душата на детето. Кога детето ќе почне да зборува, нека првите зборови на кои ќе го научат родителите биде името Исус Христос и Исусовата молитва.
Преподобниот Јован Лествичник пишува дека, кога човек ќе се разбуди наутро првата негова мисла треба да биде за Бог – со тоа тој ќе си го освети целиот ден (ќе Му го принесе почетокот на своите дела Нему) (5). А детството е – утрото на животот.
Во детството се поставува темелот на духовната основа на човекот. Еден Светител рекол: „Првата боја во која се обојува облеката, не може да се испере“.

Напомени:
1. Станува збор за сиархимандритот Серафим Романцов.
2. Хам бил син на праведниот Ное, кој прв ја открил голотијата на својот татко. Хам е синоним на непослушен и неблагодарен син (1. Мојс. 9, 18 – 25).
3. Фраза од расказот „Писмо до учениот сосед“ од А.П. Чехов.
4. Книга за умственото дејствување, од непознат автор од втората половина на 19 век.
5. Види: Преподобен Јован, игумен на Синајска гора. Лествица. Поука 26. За расудувањето на мислите, страстите и доблестите, 104. стр. 368.