Оној што мисли неправилно, вака мудрува во себеси: краток и жалосен е нашиот живот – човекот не може да се избави од смртта; никој не познава таков човек, што некого ослободил од пеколот.

Случајно сме родени, а потоа ќе биде како воопшто да не сме биле; дим е она што го дишеме, а зборот е искра во движењето на нашето срце.

Кога душата ќе изгасне, во прав ќе се претвори телото, а духот ќе се загуби како редок воздух;

со време ќе се заборави и нашето име, никој нема да си спомне за делата наши; животот наш ќе помине како трага од облак, ќе се растури како магла гонета од зраците на сонцето и отежната од неговата топлина.

Нашиот живот е како сенка што поминува, за нас од смртта нема враќање: печатот е ставен и никој не се враќа.

Затоа, да се насладуваме од сегашните добра; да побрзаме да се насладиме од овој свет и од младоста;

да се овенчаме со скапоцено вино и со разните мириси; пролетниот цвет на животот да не одмине покрај нас;

да се овенчаме со ружи, пред ружите да свенат;

никој од нас да не се лишува од учество во нашата наслада, секаде да оставиме траги од нашата радост: тоа е нашиот дел и нашето наследство.

Да притеснуваме сиромав праведник, да не жалиме вдовици, да не почитуваме старец, ни неговите многугодишни бели коси.

Силата наша нека биде закон на правдата, зашто она што е слабо – за ништо не го бива.

Да поставиме стапици за праведникот, зашто тој ни пречи и се противи на делата наши; нè прекорува за престапите против Законот, нè хули за нашите гревови и за нашето воспитание;

се фали дека го познава Бога, Син на Господа се нарекува.

Кога е пред нас – Тој е прекор за нашите помисли.

Тешко ни е да го гледаме; Неговиот живот не е ако животот на другите и патиштата Негови се различни од нашите;

нè смета за гадотија и бега како од нешто нечисто од нашите патишта; блажен го нарекува крајот на праведниците, се фали Самиот и Бога Татко Свој Го нарекува.

Да видиме дали се вистински Неговите зборови, да испитаме каков ќе биде Неговиот крај.

Зашто, ако Тој праведник е Син Божји, Него Бог ќе го заштити и ќе го избави од раката на непријателите.

Да го искушаме со навреди и маки, за да ја испитаме Неговата смиреност и да ја видиме Неговата кротост.

Да го осудиме на срамна смрт, зашто, според Неговите зборови, имало кој да се грижи за Него.

Така умуваа тие, но се измамија, зашто злобата нивна ги беше заслепила;

тие не ги познаа тајните Божји, не чекаа награда за светоста и не веруваа во награда за чистите души.

Бог го созаде човекот за вечност и го направи слика на Своето вечно битие;

Но, поради завист од ѓаволот, смртта влезе во овој свет, а неа ја доживуваат оние што нему му припаѓаат.

Книга Мудрост Соломонова (2, 1-24)