По некое време Каин му принесе на Господа дар од плодовите земни; а и Авел исто така принесе од првината на стадото свое и од маста. И Господ погледна милозливо на Авела и на неговите дарови;а на Каина и на неговите дарови не погледна милозливо. Затоа Каин се огорчи многу, и лицето му потемне. Тогаш му рече Господ Бог на Каина: „Зошто се огорчи? Зошто се помрачи лицето твое? Зарем, кога правиш добро, не го креваш ли лицето? А ако не правиш добро, тогаш гревот е пред вратата: тој те влече кон себе, но ти надвладај го!” И му рече Каин на својот брат Авела: „Да појдеме в поле!” А кога беа во полето, Каин скокна на Авела, братот свој, и го уби.

Тогаш му рече Господ Бог на Каина: „Каде е братот твој, Авел?” А тој одговори: „Не знам; зар сум јас чувар на братот мој?” А Господ рече: „Што направи? Чуј! Гласот на крвта од братот твој вика од земјата кон Мене. Затоа да си проклет од земјата, што ја отвори устата своја да ја прими крвта на братот од раката твоја. Кога ќе ја обработуваш земјата, таа нема повеќе да ти ја дава својата сила; ти ќе бидеш изгнаник и скитник по земјата!” А Каин му рече на Господа: „Казната моја е толку голема, што не може да се носи.

Ете, данес ме истеруваш од лицето на земјата, и од лицето Твое ќе се кријам и ќе бидам изгнаник и скитник по земјата: значи, секој што ќе ме сретне, ќе ме убие.”А Господ Бог му рече: „Тоа нема да се случи; оти, кој ќе го убие Каина, седумпати ќе се казни!” И му стави Господ Бог знак на Каина, за да не го убие никој, кој ќе го сретне. (1 Мој. 4, 3-15)

Општење со паднатиот ангел

Луциден но не се претставува како таков, закитен со лажна светлина, на Каин му се открива како светлоносен ангел, Луцифер, уверувајќи го дека му посакува добро. И не само тоа, туку и дека неговото „добро“ е послатко, полесно остварливо од напорното самопожртвувано добро. Цена лесна и лековерна…

Борбата со паднатиот ангел носи откривање на неговиот трулежен свет, вешто маскиран во духот на времето. Каин со мистична интуиција се предава во рацете на Луцифер и паѓа во прелест. Таткото, учителот и пропагатор на секоја лага и секое зло, е се позатворен во пропаст. Се предава на разорните стихии на Неговиот и својот непријател, добромрзецот. Каин му верува и сака да го искуси низ опит неговиот мистифициран свет, верува на неговите маскаради, не прашувајќи се за цената на лековерието и лекомисленоста.

Започнува жестока духовна борба и бунт во Каин… Жеднува неговата душа по Оној Возљубениот Кој душепогубно му недостига. Слободоволно избира да верува и се предава во рацете на паднатиот, отфрлениот од Бога херувим. Тој, пак, оддалечен од благодатта, закоравен во своето богоборство, за навек ја изгубил способноста за спасоносно покајание. Како носител на крајно зло, соткаен од апсолутна лага и непомирлива омраза, го придобива Каин, доведувајќи го во прелест, заробен како марионета. Смислата на неговото пеколно битисување е да прелестува пропаѓајќи во бездната на вечната смрт.

Неговото – Каиновото „Salto mortale“ е конечно по крајната духовна борба и униние. Во оваа видливо-невидлива жестокост напуштен од милоста, без непобедливото оружје на благодатта Божја, тој жеднее за Неговата сладост. Таа празнина на душата, напатена во недостиг на Вечниот, самоизволно тоне. Испушта болен крик потопен од завист кон својот брат Авел, префрлајќи ја вината на своите родители, кои беа прелажани од змијата Луцифер, преку плодот насаден насреде рајот Едемски – дрвото за познание не доброто и злото. Верувајќи дека од почеток е презрен и отфрлен од нив, зачнат во рајот, а роден во свет смртен, безљубовно пропаѓа во прелест и лага, се поуморен и позатворен, во свет се постар во пропаст и мака со вечна смрт.

Демонската стапица го проголтува Каин, кој се предава сакајќи да го види луцидниот свет во вечен плач и страдање, вадејќи го својот билет за таму – братоубиството. Оваа апокалиптична борба со својот лукав беспоштеден непријател Каин го води во очајание, братоубиство и самоуништување. Нејзината страшна жестина се открива кон крајот на претставата на Каиновите крвави раце. Личната слобода запаѓа во морничава заробеност на духот – душегубно прелестување, една навистина перфидна демонска прелест, а тоа е смртоносната лага која се прифаќа како спасоносна вистина.

Родена во завист неговата братоубиствена замисла ја исполнува целта на паднатиот ангел Деница. А тој пропаѓа во своето царство, во адот низ кој прелетува Каин, каде мнозина се поклониле на неговите мумифицирани лешови и коски.

Колосалната библиска тема – играна од двата ликови Каин и Луцифер се соочува со одлучувачка пресметка на душата и демонот, во која еден ум се бори со друг, во која војуваат идеи, претпоставки и парадигми. Арсеналот на средствата кои ги користи лукавиот за да го порази човекот е навистина неисцрпен. Перфидни оружја од лажни помисли се напади од кои гине Каин. Неговите аргументи се целосна соблазна.

Неговиот лик кој бил благословен за вечност е променет од завист, првиот грев. Тој остана глув на Божјиот повик за покајание и дава одговор исполнет со омраза и рамнодушност.

Во суштината на бунтовната прелсет на Каин лежи желбата за познание на доброто и злото. Тој вечен човечен бунт пресликан неминовно Hic et nunc (тука и сега). Лишен од надежната заштита на благодатта Божја, „лажливецот и татко на лагата“ e беспрекорен логичар. Сатанската логика наоѓа на добар одек во паднатиот, неочистен, огревовен ментален склоп на човекот.

Театарската игра на Луцифер е потполно сообразна со демонските аргументи и е блиска со плотските Каинови телесни мудрувања. Гласот на совеста не е ништо друго освен гласот Божји, кој ќе биде за навек заменет од паднатиот, лажниот сатански разум. За да може оваа адска замена што побезболно и полесно да се случи, Луцифер делува многу внимателно, никако не откривајќи ја својата вистинска природа и успешно прогласувајќи ги своите мрачни, погибелни идеи за плод на каиновите сопствени мисли.

И така, доаѓаме до трагичниот парадокс: жртвата се наоѓа во најтесен мисловен контакт со џелатот, а тој за неа како да не постои. Поробеното гревољубиво его е во постојано мисловно општење со искушувачот, кој е несвесен што му се случува, немоќен да делува поинаку. Демонското битие е лаживо, безпоштедно и злобен концентрат на деструктивна мисловна енергија и богоборечка волја кога го искушува Каин. И го придобива. Вечната борба. Вечниот пад. Архетип на денешниот човек. Огледало. Созерцание или прелест. Отфрлен во вечна бездна играјќи луцидна игра пропаѓа во вечна гордост, без простување, не принесувајќи покајание исто како татко му. О гордост!

Каква гнасна демонска лага. Истата битка ја води и денешниот човек кој стои исправен пред истото искушение. И скушувачот сокриен под модерниот плашт, фрапантно, перфидно, мисловно го напаѓа. Каинитите – неговите потомци се нагрдени за вечноста. Прогонети убијци кои секој може да ги убие и вечни скитници.

Крикот на Каин, неговата жал и испразнетост се пополнети со вечни маки. Братоубиството Каиново низ бунт чезнеејќи по Бога, оди во плач и крцкање со заби. А се што требаше да каже беше „прости“.

Катерина Божинова

извор: Премин Магазин 149/150