Луѓето се луѓе. Човекот секогаш греши, затоа што е несовршен и во сè што и да се зафати, беззаконува; ниту во еден дел од нештата тој нема да остане без да погреши. И тогаш, кога човекот ќе згреши, побргу нека ја сфати својата грешка, за потоа да ја исправи.
Но, на кој начин да се стигне до исправување? Разумниот човек, кој ја разбира својата грешка, Го познава и Оној Кој е кадарен да го исправи. Но злобниот човек, во кого духот е метежен, не ги сфаќа своите гревови и не Го знае Оној Кој би можел да ги исправи. Тој, во безумност и бесчувствителност, самиот се оправдува, говорејќи за својот духовник: „И тој е ист таков човек, каков што сум и јас“. Благоразумниот човек никогаш нема вакво нешто да изговори, туку ќе рече: „Се извалка облеката на моето срце, одам во бањата да ја предадам, за таа повторно да биде избелена“.
Кога ќе тргне по таквиот пат, праведниот сретнува човек кој не е свесен за своите согрешенија и кој ќе го праша: „Каде одиш?“ Овој, одговарајќи, му вели: „Во бањата, за да се избели облеката моја“, што значи: помислите мои, затоа што ги извалкав и веќе немам сили за да ги носам во себе. А безбожникот се насмевнува и вели: „Па и да се извалкани, зарем во бањата ќе ги очистиш? Подобро е така да ги носиш, отколку да одиш во бањата; затоа што денеска на перачите не смееш да им дадеш никаква облека за да ја избелат, бидејќи тие станаа такви што не само што нема облеката да ти ја исперат, туку и уште повеќе ќе ти ја извалкаат“. А благоразумниот на тоа ќе одговори: „Брате мој, колку пати и да сум ја предавал својата облека за да се испере, ниту еднаш не ми беше вратена валкана: ја предавам преизвалкана, а ми се враќа пресветла; не знам што велиш и не разбирам како воопшто можеш така да ми одговараш, ти бесчувствителен човеку, кој не сфаќаш што се случува со тебе. А што ме интересира мене какви се денес перачите? Важно е: мое рувото да стане побело од снег.“
И така, тие се оддалечуваат еден од друг. Оној трезвеноумниот оди во бањата, ја предава својата облека, перачите ја перат, тој повторно ја добива, ја облекува на себе и заминува задоволен, блескајќи и со душата и со телото!
А оној кој не верува дека во бањата на покајанието тоа навистина ќе се случи, односно кој се сомнева во светата тајна исповед, секогаш оди извалкан, колку и да се труди да изгледа уредно. Потсетувам: оној кој не се предава себеси и кој не го доверува своето раководење на духовникот, тој секогаш бидува хаотичен и мирот во себе никогаш не го наоѓа.
Преподобен Нил Мироточив