Стана јасно преку неуките луѓе дека крстот е победник; го победи, всушност, целиот свет. Нивната проповед беше не за неважни нешта туку за Бог и вистинската вера, за Евангелскиот начин на живот и за идниот суд, а сепак ги претвори обичните, необразувани луѓе во филозофи. Гледај како лудоста на Бога е помудра од луѓето, а Неговата слабост посилна!

На кој начин е посилна? Си го проби патот во светот и ги совлада сите; небројни луѓе бараа да се сотре името Христово, но тоа напредуваше и стана дури и помоќно. Неговите непријатели изгубија и загинаа; живите, кои војуваа со мртов човек, се покажаа беспомошни. Затоа, кога некој Елин ми вели дека сум мртов, само покажува дека тој е оној кој е неразумен, зашто јас, кого ме смета за неразумен, потврдувам дека сум помудар од оние кои имаат углед на мудри. Па, исто така, нарекувајќи ме слаб, само покажува дека е дури и послаб. Зашто, добрите дела кои митниците и рибарите беа способни да ги извршат со помош на Божјата благодат се незамисливи за философите, владетелите и безбројното мноштво луѓе.

На тоа мисли Павле кога вели: слабоста на Бог е посилна од луѓето. Дека проповедта на овие луѓе е навистина божествена ни се дава до знаење на истиот начин. Оти, како поинаку би можеле дванаесет неуки мажи, населени крај езера, реки и пустини, да ја примат мислата за таков огромен потфат? Како би можеле луѓе, кои можеби никогаш не биле в град или на плоштад, да помислат да тргнат во битка со целиот свет? Дека биле плашливи и срамежливи евангелистот јасно ни кажува; не го занемарува тој факт ниту ја крие нивната слабост. Несомнено ги претворил во доказ за вистината. Што ни кажува евангелистот? Дека кога Христос бил фатен другите побегнале наспроти сите чуда што ги имале видено, додека Петар, кој им бил предводник, дури и се одрекол од Него.

Како тогаш ќе го објасниме фактот што овие мажи – кои додека беше жив Христос не се спротивставија на нападите од Евреите – тргнаа во битка со целиот свет откако Христос умре, ако, како што тврдите, Тој не воскреснеше и не им зборуваше и не ја поттикнуваше нивната храброст? Дали можеби си велеа: „Што е ова? Не можеше Себеси да се спаси, па нас ли ќе нè заштити? Не направи ништо за Себе кога беше жив, а сега кога е мртов ќе ни подаде рака за помош? За време на неговиот живот не зеде ниту еден народ под своја закрила, а со кажување на Неговото Име ќе го победи светот?“ Зарем не е целосно неразумно да мисли човек на тој начин, а не пак да делува според тие мисли?

Тогаш, очигледно е дека да не Го беа виделе воскреснат од мртвите и да не беа добиле доказ за неговата моќ, немаше толку да ризикуваат.

св. Јован Златоуст

извор: Премин Магазин бр. 145/146