Вистинската цел на христијанскиот живот е стекнување на Светиот Дух

(свети Серафим Саровски)

Христијанскиот живот не е само природен, туку е пред сè благодатен. Целта на животот е обожување на човекот, негово живо соединување со Бога (свети Теофан Затворник). Сите направени добри дела се само средства за здобивање на Светиот Дух. Единствено доброто дело, кое е сторено во името Христово, ќе ни го донесе таквиот плод. Сè што правиме заради Христа, преизобилно ќе нè исполни со благодатта на Духот.

Само здобивањето на Светиот Дух, што, пак, е плод на сите доблести, донесува спасение. Светиот Дух си подготвува Свое живеалиште во телото и душата и Неговата благодат се вселува во нашето битие и го преобразува. Тој нè води од распадливо во нераспадливо; од душевна смрт кон живот во Духот, од темнина во светлина, од трлото на нашето битие каде што живеат страстите слично на животните – во светлиот храм Божји.

Затоа е речено: „Бидете будни и молете се“ – за да не останете без Светиот Дух. Молитвата, повеќе од сите доблести, ни помага во здобивањето на благодатта на Духот, зашто таа во секое време и на секое место ни стои на располагање (Св. Серафим Саровски).