ДОВЕРБА И РАДОСНА ТАГА
Кој искрено ќе се покае за својот грев, ќе добие светол залог во бескрајното Божјо милосрдие, кое сите престапи неизмерно ги надминува (Ава Доротеј).
Трудот, при исполнувањето на Христовите заповеди на човекот му ја покажува неговата немоќ. Одеднаш се покажува целата негова падната природа, која дотогаш била скриена и заборавена, и како таква постојано водела тврдоглава борба со Евангелието. Неговиот живот бил исполнет со невидливи порази. Тоа сознание предизвикува блажено сиромаштво на духот и „мудар плач“, а потоа се создава покајно и со смирение исполнето срце, кое Бог не го осудува (Псалм. 51). Искреното, покајничко самопознание нужно доведува до доживување на сопствената ништожност, па покрај сиромаштвото на духот води кон првото блаженство, „Блажени се сиромашните по дух“, тоа се оние кои сметаат дека немаат ништо. „Блажени се просјаците на духот”. Кој ќе се увери во своето духовно сиромаштво, постојано фрла поглед на своите слабости и тагува заради нив. Оваа тага за Бога, која е предизвикана заради одделеноста од Него, овој „мудар плач“ го поттикнува во нас вистинското покајание на срцето и нè приведува кон Господа: „Блажени се оние што плачат, зашто ќе се утешат“.
Вистинското благодатно покајание, кое ни го дарува Божјата благодат, го буди топлото каење за сторените гревови. Ние чувствуваме длабока болка затоа што сме Го навредиле Бога и затоа што гревот од Него нè оддалечил, а истовремено имаме и радосна доверба во Неговото милосрдие, што води кон умиление на срцето при соочувањето со Неговата простувачка добрина. Како блудниот син во татковата прегратка човекот плаче заради своите гревови и, радосно восхитен, ја доживува простувачката љубов на Отецот.
Постојано се препуштам да бидам заведен, грешам, Го издавам Бога по цена на одвратно уживање. И наспроти моето постојано неверство, Он останува непроменет. Трпеливо го очекува моето покајание и со сите средства ме влече кон преобразување: „На болните им треба лекар, а не на здравите. Јас дојдов грешните да ги повикам на покајание, а не праведните“. Така зборуваше и така постапуваше Синот Божји… Те потресува ли Неговата добрина? Исто така е добар и Светиот Дух. Дури и самиот грев Го влече Бога кон човекот. Не сторениот, но оној во себе откриениот и длабоко покајаниот грев! Колку повеќе човекот ја сфаќа својата расипаност, колку повеќе себеси се обвинува, толку попристапен му е на Светиот Дух: Спасителот им се приближува само на оние кои се чувствуваат болни.
Исповедај ја и признај ја со сето срце својата недоволност, тагувај заради неа – и Светиот Дух ќе ти пријде тогаш кога најмалку Го очекуваш, тогаш кога себеси се сметаш за недостоен за Него и тогаш ќе го оствари твоето повторно духовно раѓање (Игнатиј Брјанчанинов).