Целото христијанство е жртва. Постот и молитвата во нас ја градат нашата исправеност пред Бога. Со нив можеш да се издигнеш до рајот.

Мораме да го следиме примерот на Спасителот, Кој врз Себе ги зема сите гревови на светот. Кoга ќе видиме дека нашиот брат прави грешка, не треба да брзаме да фрлиме со камен по него. Попрво – треба да се сметаме себеси виновни за неговата грешка – и тоа е она што значи да ја носиме слабоста на својот брат; на тој начин тој е ослободен, олеснет. Овој вид на жртва најмногу Му е угодна на Бог, и нема побесценета и попрекрасна круна која ќе ја добиеме за ваквото дело, бидејќи Господ рече: „Љуби го ближниот свој како самиот себеси“.

Оној кој е бесчувствителен за страдањето на својот ближен не оди по вистинскиот пат. Духовната состојба ти овозможува да се сметаш себеси за поништожен од сите луѓе и во себе да го гледаш падот на сето човештво – тоа е тоа: секој е виновен за сите и сите се виновни за секого. И ова е најдобриот начин да му помогнеме на ближниот: прво види се себеси како најголем грешник, затоа што, всушност, тоа е вистината!

Најважно е да знаеме како да се молиме. Многупати ние монасите сме во манастир и не се молиме – имаме само впечаток дека се молиме. Не е доволно да се оди во црква, на службите, и да се биде таму од обврска, како да ја исполнуваш својата должност. Мораме да се стремиме кон внатрешното дело. Многу молитви кажани со устата или со умот, без да се оди подлабоко, без да се живее она за кое молиме, се залудни.

Сега мирјаните треба да ја продлабочат својата молитва во срцата, бидејќи таа ќе биде единствениот излез и ослободување. Сите страсти се вкоренети во срцето, и таму е местото каде што треба да се трудиме. Досега можевте да поминете со помошни нешта, но тоа нема да биде доволно во времињата кои се пред вас. Ако немаме молитва од плачното срце, нема да бидеме способни да го издржиме психолошкиот напад на непријателот, кој користи невидени средства за умствено превоспитување.

Ќе дојдат времиња во кои само оние што активно го искусуваат дејството на благодатта ќе бидат способни да го разликуваат доброто од злото. Луѓето нема да бидат способни да изберат меѓу доброто и злото служејќи се само со својот човечки разум. Ќе има вешти прелести и измами, и само благодатта Божја ќе може да нѐ спаси од сето тоа. Затоа, моли се – моли се за да не паднеш во искушението на прелеста! Благодатта Божја можеме да ја добиеме само со молитва. Ако продолжиме да седиме непокајани и да опстојуваме во нашата мрзливост и небрежност, без да се молиме, можеме да ја изгубиме наклонетоста кон покајание. Господ да чува од тоа да ја изгубиме желбата за покајание!

Денес, кога времето се чини дека минува пребрзо, и луѓето брзаат во сѐ што чинат, до степен да се преморени дури и да помислат да го отворат Часословот, најдобро оружје против непријателот е Исусовата молитва: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме мене грешниот“. …Оваа молитва има моќ да го собере умот многу бргу, да се свртиш навнатре и да повикаш кон Господ од длабочините на срцето. Исусовата молитва не треба да биде практикувана само од монасите – оваа молитва е должност на сите христијани. Со векови, животот на Црквата е втемелуван на неа, бидејќи таа ги уништува страстите, кои се вкоренети во нашите срца… Затоа, христијаните треба постојано да ја кажуваат Исусовата молитва со својот ум, без разлика каде и да се наоѓаат: дома, на работа, патувајќи со автобус, во авион, готвејќи, поправајќи нешто – каде и да се, и што и да прават. Бог ќе ја вгнезди Својата Божествена благодат во нашите срца, согласно нашиот труд.

Денес за мене тоа е најголемиот грев. Нашите срца веќе не се движат со помош на молитвата, немаме солзи на покајание. Ќе дојде време кога оние што ја имаат благодатта на Духот ќе можат да го разликуваат доброто од лошото; самиот човеков ум тоа не може да го разликува. Ќе дојде време на голема збрканост и само Светиот Дух ќе може да нѐ спаси.

Устата и срцето кои во секое искушение Му благодарат на Бог, ги добиваат Неговиот благослов и благодат.

Оној што ја избегнува празната слава на овој свет, во својата душа ја чувствува славата на идниот век.

Во животот на христијанинот нема место за самооправдувањето, него никаде го нема во Христовото учење.

Старец Јустин Парву