Не е чист оној кој не го познава злото, туку оној кој против него постојано се бори (преподобен Исак Сириски)

 

Ако си решен да ја оставиш својата сопствена волја и да ја следиш волјата Божја, тогаш од самиот почеток биди подготвен на тешка борба. Во твојата внатрешност ќе се подигнат безбројни желби. Секоја од твоите сили, не водејќи сметка за Божјата волја, ќе постави свои сопствени барања. За да ја постигнеш твојата цел, ќе мора да ги скротиш сите твои страсни желби, ќе мора секогаш да се спротивставуваш на сè што е лошо и ќе мора да се присилуваш на чинење добро. Ќе мора, исто така, постојано да се бориш против самиот себе и против сè друго што го поттикнува твоето самоволие, твоите желби и твоите барања. Ваквата борба против непријателот во сопствената внатрешност е најтешка од сите други. Мора да учиш како да ја започнеш борбата против злото во своето срце, како, преку многуте твои победи и порази, да му пружиш отпор на демонот и како во духот постојано да тежнееш кон Бога. Затоа, победата и умртвувањето на твојата самоволна алчност е најпрекрасна од сите победи (старец Никодим).

При предавањето на Бога, почеток и предуслов за сите внатрешни победи е прекршувањето на твојата волја. Овде, водечка духовна борбена сила е презирањето на алчноста на природата; без таа сила, непријателот и без борба ќе однесе победа. Нашата највнатрешна сила – духот – стои во центарот на таа борба. Свеста и самоопределувањето, поддржувани од благодатта, се одлучиле за доброто и се гнасат од секоја страсна желба и нечистотија. Всушност, во тоа и почива преобразбата. При неограничено осудување на сопствените недостатоци и слабости, и при нескршливо спротивставување на грешните помисли, навики и страсни желби, важните орудија овде даваат внатрешна прибраност и самопознание. Од своја страна, страсните желби бараат духот, свеста и слободата да ги потчинат на себе. Сè додека нашето самоопределување стои на страната на доброто, победата и кај најсилните искушенија е наша. Сепак, тоа не зависи само од нас; нашиот дух претставува само една почетна точка во оваа борба. Победничка и уништувачка сила врз страстите е Божјата благодат. Со помош на нашата свест и самоопределување, таа уништува сè што е лошо во нас и го воспоставува доброто. Горделивите залудно фантазираат дека со сопствена сила ќе ги совладаат страсните дејствија. Човечката слобода единствено оди дотаму што се оддалечува од гревот; таа не може без Бога да ги уништи страстите во нашата внатрешност (св. Теофан Затворник).

Оттаму следува овој закон на борбата: Бори се со сета сила, но сепак не ѕидај врз себе, туку врз живиот Бог.

Без помош на благодатта ти не си во состојба да победиш ниту една единствена страст, ниту една единствена страсна желба. Значи, секогаш треба да се молиш за Христовата помош. Затоа Он дојде во светот, страдаше, почина и воскресна од мртвите, за да нè ослободи од насилната власт на гревот и на страстите, за да ја исчисти нашата душа, да нè зацврсти и смири во доброто со силата на Светиот Дух. Како што грешиш во секој час, така и во секој час повикувај Го Спасителот и ќе бидеш спасен. Он, всушност, заради тоа и дојде, за да ја промени душата, да ја преобрази и целосно да ја обнови, да ја разреши во Светиот Дух, да ѝ дарува нов ум, нови очи и уши, нов духовен говор. Кој во вистина тежнее кон Бога, Му ја принесува целата своја љубов, ја врзува целата волја за Него… Тој се присилува себеси на добро, на љубов. Ако сè уште не поседува љубов, се присилува себеси на благост и на милост, трудејќи се никого да не осудува и секое непочитување и презир кон себе, без ропот го поднесува. Се присилува себеси на молитва.

Кога Бог ќе види како човекот се труди и се присилува против својата волја, тогаш Он му подарува вистинска молитва, чиста љубов и добрина, и го исполнува со плодови на Духот (свети Јован Кронштатски).