Кој ќе се вообрази дека е благодатен – никогаш нема да се здобие со благодат (Св. Игнатиј Брјанчанинов)

 

Нездравиот духовен живот води кон самоумие или кон самозаблуда. Гордото срце се исполнува со налудничава алчност за уживање во светите, божествени и духовни чувства, за кои тоа е сосема неспособно. Наместо, преку молитвата, да тежнее кон макотрпно самопознание – единственото кое вистински ни е потребно, нечистото срце ревнува да се наужива во божественото блаженство. Во тежнеењето да произведе „нов човек“, за што поради својата острастеност е потполно неспособно, срцето, преку замена и изнаоѓање на лажни чувства, потпаѓа под влијанието на демонот. Таквиот човек има високо мислење за себе, смета дека има многу доблести и дека поседува дарови на Светиот Дух. Како жртва на илузијата, тој се гледа себеси како преблажен, па опиен од својата состојба, постојано замислува и плива во побожни духовни ситуации. Ова се случува заради обединување на алчноста и саможивоста, кои ја возбудуваат крвта, создавајќи лажна благодатна состојба и произведувајќи сатанска надменост. Иако, ваквите, најчесто се подложни на гнев и на осетливост, тие поради својата гордост, со напор ги избегнуваат грубите гревови и себеси се сметаат за високоморални.

 

 

Но, оној, кој се замислува дека е бестрасен, никогаш нема да се исчисти од страстите; кој вообразува дека поседува благодат, никогаш нема да се здобие со неа. Накусо, кој на себеси си припишува духовни дарови, со тоа си ласка на себе и ужива во таа самовообразеност, па поради тоа си го затвора пристапот на Светиот Дух. Тој во себе ја уништува секоја способност да живее во Духот, бидејќи ја принел вистината на жртва на заблудата.

 

Овој вид на илузија се задоволува со пронаоѓање на замислени благодатни чувства, како надокнадување за вистинските. Оттаму произлегуваат погрешните претстави за сите духовни дејности, а се создаваат и лажни поими за сè што е внатрешно и надворешно.

 

На опрелестениот Господ му зборува: „…велиш: Богат сум, и се збогатив, и ништо не ми треба, а не знаеш дека си беден и проколнат, дека си сиромав, слеп и гол.“ (Откр. 3, 17).