Не ја ограничувај доблеста на постот само на исхраната. Вистинскиот пост не е само одрекување од разновидна храна туку одрекување од страстите и гревовите. Никому да не му нанесеш неправда, да му простиш на ближниот свој за навредата која ти ја нанел, за злото кое ти го направил, да му го простиш долгот.
Инаку што дека не јадеш месо, ако го јадеш братот свој. Не пиеш пијалок, а го понижуваш другиот човек.
Да не покажуваме дека сме тажни и потиштени во деновите кои ни претстојат, туку да бидеме со светло лице како што им доликува на светиите. Никој не се стекнал со венец очајувајќи, никој не победил со лелекање, неумесно е да не се радуваме на душевното здравје и да тагуваме поради променатат на исхраната, со тоа покажуваме дека сме повеќе наклонети кон насладување и удоволување на стомакот, отколку загрижени за својата душа.
Во секоја црква ангелите ги запишуваат оние кои постат. Внимавај поради краткотрајното насладување со храна да не се лишиш од ангелското запишување и пред оној кој ги собира војниците да не се покажеш како виновен за бегство од војничкиот строј.
Всушност користа од постот не е ограничена само на воздржување од храна, бидејќи вистинскиот пост е оддалечување од злото.
Разрешија секоја врска со неправдата, прости му на ближниот свој за сторената навреда, прости му ги долговите. Немој да постите во кавги и осудувања.
Не јадеш месо, но го глодаш братот свој. Се воздржуваш од вино, но не се воздржуваш од навреди.
Ќе ја дочекаш ноќта за да вкусиш храна, но ќе го поминеш денот во осудување.
Мислам дека нема да ми биде толку тешко да ве убедам да го прифатите постот, отколку денес некој да не падне во лошите последиици на пијанството, бидејќи многу луѓе се придржуваат на постот, како поради навика така и поради срам пред другите.
Се плашам од опијанувањето, кое љубителите на вино го чуваат како некое татково наследство. И човечките тела обременети со непрестајно прејадување лесно биваат совладани од болестите. Но ако се користи едноставна или лесна храна, злото кое се очекува од болестите се избегнува како избегнување на непогода, а присутните тегоби се одбиваат како налет од бура.
Постот не е корисен само за идниот живот туку тој му користи и на телото. И најсилното здравје подложно е на промени и пресврти бидејќи природата малаксува и не може да го поднесе бремето на дебелината. Пореметувањето во варењето на храната, кое неминовно се јавува кај сластољупците, предизвикува страшни болести во телото.