СТАНИЦА ВО ПУСТИНА
(Според Станица во пустина од Ј. Бродски)
Понекогаш и цркви се уриваат
во името на бога. И манастири
И божјата промисла се таи под
присила во душите заблудени
А ти како да спиеш на некој урок,
на некое колнато место каде што
бог и сотоната скржаво го вагаат
гревот. Злиот токми згон на душата,
согрешение. А светиот скрб и покор
Тихување во бога. Исповед и бдение
Покајание и за несторени гревови. А
каква ли грешност ти окајуваш, како
да не знаеш дека само делата можат
да ги отнат од умот на создателот
сите гревови. Се скина јажето што ја
држеше месечината и сега секој во
својата судбина е втренчен. И како да
слутам нечија волја за мојата слабост:
да не би да останеш сама на станица
во пустина. Така, скраја, страничкум
Оти ти не го сочува своето рало, не го
Заора својот прелог да посадиш златна
житница. Сееш глуварки во времето. А
други решаваат кога ќе класа семето
Иван Василевски