Божјото Име, кое им е откриено на луѓето, служи како врска меѓу Бог и човекот. Со Божјото Име, во Црквата се извршуваат сите Таинства. Во Името Господово треба да се изврши секое дело. Преку призивањето на Името на Севишниот, Неговото присуство се претвора во непрестајно живо чувство: срцето е во мир, кога делото што го вршиме е по волјата на Господа, и секогаш чувствува „смут“ , кога се отклонува од вистината. Така преку молитвата секое движење на духот е под контрола, ниту една мисла ниту еден збор не можат да избегаат. Тој плод на непрестајната молитва ни помага да ги сведеме нашите гревови на минимум.
„Господи Исусе Христе, Сине и Слово на Живиот Бог, помилуј не“
„Удостој нè Господи во овој ден да се сочуваме од грев“. Tака се молиме наутро. Но само тивкото присуство на Божјиот Дух во нас ни дава можност всушност да пребиваме во внатрешна трезвеност. „Никој не може да го нарече Исус Господ, освен преку Светиот Дух“. Повторно се убедуваме дека призивањето на името Господово преку нашиот ум нè спасува од грешки и во нашите дела.
Ако сакаме молитвата да нè доведе до плодовите, за коишто со такво торжество зборуваат нашите отци и учители, треба да го следиме нивното учење. Првиот услов е верата во Христос како Бог-Спасител, вториот услов е да го имаме сознанието дека сме смртни грешници .
„Колку повеќе се смируваме во покајание, толку побрзо молитвата ни достига до Бога. А кога го губиме смирението тогаш никакви подвизи не ни помагаат“.
Кај Бога ние доаѓаме како најпоследни грешници. Најискрено се обвинуваме себеси за сè. Ништо не бараме освен прошка и помилување. Таа е нашата постојана внатрешна состојба. Го молиме Бога Сам Тој да ни помогне, преку нашите страсти да не го хулиме Светиот Дух; да не причинуваме никаква штета на нашите браќа (на секој човек). Се осудуваме себеси на адски маки, затоа што не сме достојни за Бога. Не очекуваме никакви посебни дарови одозгора, а само се стремиме со сите сили да го достигнеме вистинскиот смисол на Христовите заповеди и да живееме според нив. И повтараме : „Господи Исусе Христе, Сине Божји помилуј нè нас и Твојот свет“.
И Бог нѐ слуша и доаѓа да нè спаси. И тогаш секој, кој ќе го повика името Господово (во таква состојба на духот), ќе се спаси. „Покајте се“. Треба сериозно да го прифатиме овој призив на Христос: од корен да го промениме внатрешниот живот и погледот кон светот, нашиот однос кон луѓето. Да не ги „убиваме“ непријателите, а да ги победуваме со љубов. Да помниме дека нема апсолутно зло. Апсолутно е само беспочетното Добро. И тоа Добро ни е заповедано: „Сакајте ги непријателите ваши… правете им добро на оние кои ве мразат… бидете совршени, како што е совршен и Небесниот ваш Отец“.
Архим. Софрониј Сахаров