Како да дознаеш дали живееш според волјата Божја?

Еве ти знак: ако си нажален за било каква работа, тоа значи дека воопшто не си се предал на волјата Божја, иако на тебе може да ти се чини дека живееш според неа.

Кој живее според волјата Божја, тој за ништо не се грижи. И ако му е потребен било каков предмет, тогаш тој, и предметот, но и самиот себе, ги предава на Бога. Ако не го добие потребниот предмет, тогаш тој сепак останува спокоен, исто како да има сè.

Душата која се предала на волјата Божја, од ништо не се плаши: ни од бура, ни од разбојници, ни од било што друго. Па така, што и да се случи, душата ќе говори: „Така Му е угодно на Бога“. Ако е болен човекот, размислува: „Значи болеста ми е потребна, инаку Бог не би ми ја дал“.

На тој начин се чува мирот и во душата и во телото.

Кој се грижи за самиот себе, тој не може да се предаде на волјата Божја, и душата негова никогаш нема да има мир. Смирената душа е предадена на волјата Божја и живее пред Господа во страв и љубов. Во страв: со нешто да не го нажали Бога; а во љубов: бидејќи душата спознала колку Господ нѐ возљубил.

Најголемо дело е предавањето на волјата Божја, а искушенијата да се претрпуваат со надеж. Господ ги гледа нашите искушенија, и нема да ни даде нешто што е поголемо од нашите сили и можности. Ако искушенијта ни изгледаат големи – тоа значи дека не сме се предале на волјата Божја.

Сите луѓе на земјата неизбежно трпат искушенија, и иако маките што ни ги испратил Бог не се големи, а на луѓето им се чинат како да им ги надминуваат силите, па тие паѓаат, тоа е затоа што тие не сакаат да ја смират својата душа и да се предадат на волјата Божја. Оној што се предал на волјата Божја, со него Самиот Господ раководи преку Својата благодат, и тој храбро ќе трпи сѐ заради Бога, Кого он Го возљубил и со Кого ќе биде прославуван во вечноста.

Преподобен Силуан Атонски