Да завладееш со земјата – значи да ја претвориш во храм Божји. Да се освети светот – значи да го присилиш да премине од демонската состојба, во состојба на битие кое е свесно за Бога. Ниту еден облик на животот и културата не може да се исклучи од сеопфатното овоплотување. Иконата на совршенството – Христос, ја зеде на Себе службата на свештенството. Он, исто така, ја зеде на Себе и службата на лаик – верник, т.е. сите професии, секој занает и сите занимања на овој свет.
„Бог го возљуби светот“ и во неговата состојба на огревовеност. Христовата победа, која продира во самите длабочини на пеколот, има космичка ширина која ги руши сите граници. Обожението (θέωσις) е првенствено динамичен поим, чие дејство се протега на целата вселена, исто како што литургиското славословие ја распростира славата Божја на сè што е човечко.
Според космологијата на Светите отци, која нема ништо заедничко со природната етика на философите, вселената се движи кон своето довршување во смисла на целосното остварување на планот на создавањето, бидејќи воплотувањето Христово било цел на создавањето. Христос го поправа и довршува, го потполнува она што е прекратено со падот во грев и ја пројавува љубовта која спасува, притоа не оставајќи ништо надвор од Неговата замисла за човекот како сослужител, како соработник Божји.
Бог е присутен во светот „поинаку“ отколку што е присутен во Неговото Тело, во Неговата Црква. Црквата треба експлицитно да говори за имплицитното присуство. Таа треба да го прави она што го направил апостол Павле во Атина, кога ја одгонетнал тајната на „непознатиот Бог“ и го нарекол Исус Христос (Дела 17, 22-31). Продорот на евангелизацијата треба да го облагороди делото на цивилизацијата, и да ја насочи кон вечниот Исток – кон Христа.
Павле Евдокимов