Ние не постиме за да бидеме видени и пофалени од луѓето, туку постиме за да се приближиме до Бога.

Постиме, зашто Бога го сакаме повеќе од материјалните дарови што од Него ги добиваме.

Прошката е добар почеток на постот. Никој, без прошка, не може да влезе во постот, кој е духовна борба за прочистување од гревовите и за просветлување на душата.

Постот ја поткрепува молитвата на верниците, кои врската со Бога ја сметаат за центар, светлина и храна за душата.

Вистинскиот пост не е само воздржување од храна од животинско потекло, туку е и воздржување од жедта за матријалното. Тој исто така е воздржување од алчноста, но и од себичната желба за владеење над другите. Постот е ограничување на секоја мисла, збор или дејствие што ја намалува љубовта кон Бога и кон ближниот.

Ако постот е придружен од дела што му се угодни на Бога, тогаш човекот што пости станува светлина за другите луѓе и избран сад на Божјата слава.

Постот не е само материјална состојба, туку е и духовна, т.е. пост за очите, устата и срцето.

Постот е духовна состојба на жртва или принесување. Оној што пости тоа го прави слободно, т.е. секој според своите сили.

Во времето на постот се намалува количеството на материјалната храна, а се зголемува количеството на духовната храна.

Постот ја поткрепува молитвата, а постот без молитва не е духовна борба.

Постот ги смирува себичните страсти, го просветлува интелектот, ги осветува чувствата, го изменува поведението и односот кон луѓето и кон природата, сè поставувајќи во светлината на присуството на божествената љубов.

Даниел Патријарх Романски