Душо моја, не плаши се од злобните, а уште помалку од нивниот горделив презир. Само смирението е бестрашно и само кроткоста не се гордее. Тогаш злобните ќе го изгубат своето зло, а грешникот ќе се исправи од гревовите свои. На злобните смирението им изгледа како плашливост, а на грешните кроткоста им делува како слабост. Но, силата Божја, која му дава сила на смирението и благодатта на љубовта Христова престојува во кроткоста, постепено, педа по педа, ги рушат ѕидините на злото и гревот, налик на младата пролетна трева која се пробива низ безживотниот асфалт на патот. Злобните и грешните се бркаат по лицето на земјата: едните сакаат да се одмаздуваат, а другите да побегнат од одмазникот. И не наоѓаат за себе засолниште, зашто не го нашле Пастирот и Помошникот, туку во својата суетност се надеваат самите на себе. Злобните и грешните се мачат поради својата пропаст, зашто не го спознале Господа Седржителот, но се мачат и оние кои го пронашле Спасителот и Заштитникот, бидејќи тагуваат за своите браќа, кои сами себе се оддалечиле од Човекољубецот Христос. Но, маките на едните и на другите меѓу себе се далеку оддалечени, како спротивни брегови на океанот. Блазе си им на првите ако прибегнат во покајание и блажени се другите кои ќе се утврдат во молитва за сите луѓе, а најмногу блажени се оние кои го спознале Творецот во молитвено тихување.
Монах Симеон Светогорец
Извадок од книгата „Птици небесни“