ПАЃАЊЕ

 

„Беден е оној што паѓа, победен од него, пак, е оној

Којшто и другиот го повлекува со себе“

                                                    Св. Јован Лествичник

Остави ме со плач и ридање

да го уништам секое чувство на гнев

оти како со меч рането е срцето мое

со тагата на љубовта Божја

Во умиление нека потече свежата вода

на благочестивите солзи

врз мојата богољубива тага

 

Не велам: Сочувај ме од пад,

оти и демонот е ангел

кој некогаш паднал

 

Дарувај ме со богопознание

за да се откажам од сопствената волја,

победувајќи го телото да ја победам

гордоста своја

Малата погибел е непотребна онаму

каде поголема се заканува

 

Не велам: Не дозволувај да паднам,

оти и кнезот на демоните е

паднат светлоносец

 

Само молим Ти сја

очисти го моето вештествено битие,

восоврши го преку дејството на калта

 

Не велам: Поштеди ме од паѓање, Боже,

но друг да не повлечам со мене

во адот.

Наташа Василевска-Трајчевска