Архимандрит Гаврил Ралетински
Нашето срце за време на Великиот пост
Синко мој, дај ми го твоето срце! – вели Господ.
Размислувај за Бога постојано, зашто и Бог постојано мисли на тебе. Како што овчарот се грижи за својата изгубена овца, повеќе отколку за целото свое стадо, така и Бог се грижи за тебе, кога пропаѓаш во грев. Ти си во Божјите мисли повеќе отколку сите ангели на небото. Да се мисли постојано за Бога не значи да се испитува Божјото битие, туку да се истражува и дознава за она коешто Бог го бара од човекот.
Оној којшто купува ореви, не ги проценува според лушпата, туку по јатката. Исто така и оној којшто купува јајца. И безброј други работи во светот луѓето ги ценат по невидливото, а не по видливото. И твојот Бог те проценува, те гледа тебе по твоето срце. Преку телесната лушпа Он гледа во твојата срж и го бара срцето твое: „Синко мој, дај ми го твоето срце!“
Создателот, во срцето ни ја дал основата на животот. Во срцето животот започнува, расне и заминува до гробот и преку гробот. Од каква корист ќе му биде на човекот ако за него велат: богат е, но без срце! Ќе го понесе ли богатство свое во оној свет? Или пак, од каква полза му е на човекот телесната сила и убавина! Зарем секојдневно не ги среќаваме и оние кои во својата младост биле силни и убави, а пак сега се подгрбавени, едвај чекорат или, пак, мора да бидат водени? Блажени се оние кои во младоста не засакале каква било смртна и минлива убавина, туку својот Создател, чија сила никогаш не малаксува и чија убавина никогаш не се менува!
Постот значи слабеење на врската помеѓу светот и срцето и зајакнување на врската на срцето со Бога. Запомни го тоа, и мисли за тоа. Без пост нема ниту простување, ниту смирение, ниту трпеливост, никој без пост не го видел блаженството (рајот).
Треба постојано да читаме и да се присетуваме на христијаните од првите векови, каква била кај нив ревноста кон верата, кон молитвата и постот, и кон чистотата во животот. Тие биле слични на ангелите, живееле како „мали богови“. Нивниот пост бил многу построг отколку оној којшто ние денес го практикуваме. Да наведеме неколку примери! Свети Теодосиј триесет години не вкусил леб ниту било какво мрсно јадење, се хранел со пустинските билки, а живеел над сто години. Тој извршил многу чуда, бил чудотворец, кога имало потреба умножувал леб, прехранил многу монаси и многу луѓе. Имало многу сушни и гладни години и мноштво народ доаѓал во манастирот, особено за време на големите празници и тој ги нахранувал со лебот кој на чудотворен начин бил умножуван преку неговата молитва.
Преподобниот Висарион живеел како птица покрај брегот без кров и без леб. Тој стоел 40 дена на молитва со подигнати раце кон небото. Така, тој со молитва и пост примил голема благодат добивајќи дар за исцелување, ги лекувал луѓето од разни болести, мртви воскреснувал, ги засладувал горките води, чекорел по водата како по земја, не му требало мост… Такви и слични подвижници и богоугодници ги имало безброј од тоа време.
И денес е истиот Бог, само што нема ревносни верници. По Првата светска војна, имало и такви богоугодници кои се угледувале на древните христијани, па водени од нивните примери, многупати бдееле на молитва по цели ноќи, други пак, постеле со денови ништо нејадејќи дури и по 20 дена, а некои биле само на сув леб цели три години.
Најмногу од сè, синко мој, чувај го своето срце – вели Господ. Кога змија ќе те касне за раката, таа се заврзува и се стегнува, за отровната крв да не би отишла во срцето и да не се зарази изворот на крвта. Кога ќе слушнеш лош збор, синко мој, затвори го својот слух, за отровот од лошите зборови да не дојде во срцето твое и да не го зарази изворот на твојот живот. Кога имаш богатство во изобилство, не го прилепувај срцето свое за богатството, така вели Премудроста во Книгата на животот. Научи се на храбрата борба за непорочноста и чистотата, за да би можел да го дадеш своето срце како возвратен дар на Оној Кој ти го дарувал.
Просветли го срцето свое со вера, поткрепи го со надеж, затопли го со љубов, поткади го со молитва, изми го со солзи, нахрани го преку Светата Причест со Христа и држи го воздигнато кон небото како запалено кандило. Само така ќе можеш мирно да го дочекаш преминот од овој земен свет во небесниот, каде што нема грев и грижа на совеста. Поради тоа повторувај го честопати татковиот совет: Цел на сето она што се трудиш да го сочуваш е да го запазиш срцето свое, зашто од него произлегува животот.
Од срцето излегуваат лоши мисли, убиства, прељуба, блуд, кражби, лажни сведоштва, хулење против Бога. И тоа е она што го погани човекот. Со овие зборови, синко мој, говори твојот Господ. Ова им го рекол на некрстените Евреи, чиишто срца, поради првородниот и поради личниот грев, биле претворени во извор не на животот, туку на смртта и на секаков гнилеж. Срцето е извор, а устата е поток. Устата говори од вишокот во срцето. Нашиот јазик е гласоносец на нашето срце. Каква слава во срцето, таква слава и на јазикот. И каква нечистотија во срцето, таква нечистотија и на јазикот. Затоа е речено: најмногу од сè чувај го срцето свое, зашто од него извира животот. Од него ќе извира живот ако го зачуваш, а можно е да извира и сета нечистотија и смрдеа доколку не го зачуваш. Значи, запази го и чувај го изворот на животот во себе за да не се загади. Ти си крстен, а крштевањето е голема благодат. Ти си искапен со вода и со Светиот Дух. Синот Божји слезе и те изми, како што мајката го мие своето извалкано дете. Он го очистил срцето твое и го направил извор на животот. Затоа, секогаш чувај го своето срце со молитва и пост, за да не би се вовлекол ѓаволот во него и да на би направил за себе гнездо на злото.
Бог го испрати Својот Дух во вашите срца, Кој воскликнува: Ава, Оче!
Зошто ни е заповедан постот?
За подобро да се присетуваме на своето потекло. Да се сетиме дека не сме само роднини со земјата, туку дека сме роднини и со небесата, и тоа најнапред со небото. Да си спомнеме дека потекнуваме од благородно семејство и дека нашиот Отец е Самиот Цар на небото и на земјата. Зошто нашата Мајка – Православната црква, ни заповедала да постиме? Секако затоа, за да би ја оттргнале својата насоченост од секојдневните грижи и да се замислиме за сè она што е главно и основно. За да би се сетиле на своето потекло и својот вистински пат и на својата вистинска и вечна татковина. Знаеш ли, синко мој, зошто мајката Црква ни пропишала да постиме? Секако, за да би се сетиле дека иако сме од земја обликувани, земјата не нè создала, зашто и нејзе требало некој да ја создаде. За да размислуваме за небесата која ја носиме во себе, во својата земна телесна мембрана, и да умееме да го одвоиме небесното и земното во нас, бесмртното од смртното, неминливото од минливото. Главно и основно во човекот е срцето. Во срцето е крвта, во крвта е душата, а во душата е духот, кој ја движи душата. Каков е духот, таква ќе ни биде и душата. Ако духот е нечист и душата е нечиста. Но, ако духот е божествен, целата душа е божествена. Постојат духови кои не се од Бога и кои ја движат душата против Бога. Научи да ги разликуваш духовите. Моли се на Бога постојано, за да те обдари со даровите на Светиот Дух. Но, како ќе знаеме дали Божјиот Дух е во твоето срце? Па, според радоста и утехата која ќе се разлие по целото твое битие. По мирот и тишината во твоето срце. По силата и светлината во тебе. Поради тоа ќе го благословуваш постот и ќе ги благословуваш оние Божји светители што него го востановиле. И ќе ù бидеш благодарен на мајката Црква, која те научила на постот. Зашто ќе ја видиш благодатта од постот и постот ќе биде оправдан пред твојот разум.
Блажени се чистите по срце, зашто тие ќе Го видат Бога.
Чистото око го гледа светот и сè што е во светот, а болното око не може ниту да гледа, ниту пак нешто да види. Така е и со човечкото срце. Бог го дарувал со особена видовитост. Кога срцето е покриено со трошка грев, тоа станува слепо и ништо не гледа. Кога срцето потполно ќе се очисти, тоа го гледа и видливиот и невидливиот свет. Го гледа невидливиот свет таков каков што е, и Го гледа Оној Кој го создал срцето – го гледа Бога.
Затоа моли се на Бога да ти го исчисти срцето и ќе видиш многу чуда во овој физички свет, кој досега си го гледал само со очите без срцето. Со што Бог може да го исчисти човечкото срце? Само преку Духот Свети. Зарадувај се и развесели се, ако Бог се смилува да ти соѕида чисто срце во тебе. Поради тоа нашата мудра мајка, Светата Црква, ја пропишала најсветата молитва која треба да ја кажуваме постојано, во секое време од денот и ноќта:
Цару небесен, Утешителу, Духу на вистината,
Кој си насекаде и сè исполнуваш,
Ризницо на добрините, Животодавче,
дојди и всели се во нас и
осчисти нè од секаква нечистотија и спаси ги,
Благи, нашите души. Амин!