„На Твојот крст се поклонуваме Владико, и Твоето Свето Воскресение го пееме и го славиме.“ Денес, на средината од Великиот пост, на еден посебен начин, повторно се поклонуваме пред оружјето на нашето спасение – пред Чесниот и животворен крст Господов. Го изнесуваме на средината од храмот, во сите цркви, во целиот свет, му се поклонуваме, го целиваме, се сеќаваме на страдањата на нашиот Господ Исус Христос, чувствувајќи го предвкусот на Воскресението Господово.

Денес, за жал, во земјите и меѓу народите кои некогаш му дадоа на светот многу маченици за верата Христова, Христовиот Крст се гази и прогонува. Луѓето се обидуваат да го отстранат, да не го покажат, под изговор дека не сакаат да ги навредуваат луѓето кои не веруваат во Христа и Крстот Господов. Тоа го прават луѓето што некогаш дури и го следеле Христа.

Зошто се случува ова? Затоа што луѓето повеќе посакаа некои минливи задоволства и затоа што овде, во овој живот, сакаат да живеат како во рајот. Тие не тргнаа по Христа и го отфрлија Неговиот Крст, како што Господ ни вели денес: „Кој не го зел својот Крст и не тргнал по Мене…“ Луѓето го следеа Христа, а потоа во одреден момент се уморија од тоа, па почнаа да негодуваат и се одрекоа од Него. Веќе дојде до тоа, без злоба и гнев, да не можат да го поднесат Крстот Господов. Но, оној што не го почитува Крстот Господов, кој не верува во спасоносните страдања на нашиот Господ Исус Христос, не верува ниту во Воскресението. Човекот кој не сака да го носи својот крст, кој го отфрла – се одрекува и од своето Воскресение, но и од своето спасение.

Црквата, пред повеќе векови, го воведе овој празник во Великиот пост. Воведе цела Крстопоклона недела, со цел да го разбуди уште еднаш нашето сеќавање и нашата совест и да нè подготви за празникот на Воскресението. Почитувајќи го Крстот, веќе почнуваме да ги славиме Велигден и самото Воскресение. Почнуваме да го славиме и нашето воскресение и воскресението на нашите души и нашата средба со Спасителот во Царството Небесно. Каков откуп ќе даде човекот за својата душа? Нема ништо поскапоцено од душата и ништо повредно од пребивањето на христијанската душа во Христа, и од нејзиното соединување со Бога. И никаква минлива наслада од овој свет не е вредна за тоа. Луѓето кои се одрекуваат од Христа воедно прават ужасна, наивна и монструозна грешка.

Но, нашата заедничка молитва може да ги разбуди таквите луѓе, да ги доведе до Крстот Господов и да ги одведе до воскресението, така што денес, според зборовите на апостолот, повторно смело да му пристапиме на престолот на благодатта, за да стекнеме милост и да добиеме навремена помош, за нашите срца и души да бидат исполнети со божествена благодат, за да можеме да го носиме овој Крст Господов со радост и благодарност и за да бидеме наследници на Христовото воскресение. Амин!

јеромонах Игнатиј Шестаков