* * *
Осветлениот крст на ридот ги рануваше облаците, додека се криев низ ноќните магли во градот, како стар мозаик што археолозите го покриле со песок, за да го заштитат од сите снегови и погледи на времето.
* * *
Кога дождот ќе престане, старци ќе излезат по улиците, печурки по најблиските ридови, полжави низ тревите во паркот, молњи ќе се појават во очите на тајните љубовници.
* * *
Треба да се офарбат оградите, да се исчисти оџакот, да се пристегне славината, да се променат бравите, да се отворат прозорците и да се проветри собата од силниот мирис на лакираниот паркет. Гранче влегува во собата, и гласовите на децата од најблиското училиште, влегува и гласот на мојот починат дедо кој ми вели „остави ги прозорците отворени, остави ги прозорците“.