* * *
Патувам кон Скопје, сонот патува со мене. Сообраќајните знаци ги исцртуваат патиштата како сигнални светла крај аеродромска патека за слетување, сончогледите по полињата го менуваат небото, еленот од знакот „елени на патот“ еден ден ќе биде археолошка вистина како цртежите на убиените животни низ пештерите. Кога автобусот влегува во градот, како да влегува во недограден тунел — децата ги затвораат очите, старците зборуваат погласно, возачот се покорува на бавноста. Уличните светла доаѓаат кон нас, сè побројни и погусти, како оси кон напуштена лубеница.
* * *
Ги слушам полноќните трки на моторџиите од еден семафор до друг, од еден живот до друг. Побрзи се од промените на црвеното светло, од мените на месечината, од паузите меѓу кавгите во најблиските згради. Еднаш ја слушнав баба ми како му рече на докторот да не се плаши, зашто еден ден сите ќе стасаме онаму. Понекогаш ноќта не минува, а семафорите трепкаат само жолто, жолто, жолто…
* * *
Околу бурекчилниците по полноќ секогаш има кучиња, автомобили со сите вклучени трепкачи одеднаш, налегнати велосипеди со тркало што се смирува, полуугаснати цигари чиј последен дим се бори со маглата врз стаклата. Пекарите се невидливи, логото врз салфетките избледено. Се гмечат празните чашки со јогурт, како што се згмечува важно писмо. Наскоро ќе светне по еден прозорец во сите згради. Птици ќе слетаат на местата што сме ги напуштиле.