ПОРТРЕТ НА МОЈОТ ЖИВОТ
Рече „Љубовта“ да биде светлина,
„И би светлина“.
Навидум,
Сонцето само свети и грее.
Но, кој би рекол?
Тоа има разни бои,
Низ призмата од капки дожд,
Палета цела, со која
Во секое срце радост крои.
Но „Сонцето,
го знае својот Запад“,
И настапува ноќ, темнина и мрак,
Како во душава, со секој пад,
Пак и пак.
Сè, дур, повторно од својот Исток,
Не распламти небо,
Дур пурпурна зора не зазори,
и те остави немо,
Царува ноќ.
А таа пак…
И таа си има свои бои,
каде црната е основна,
А воедно и топла,
Заради Љубовта, Онаа истата,
Што љубовно ја тера месечината,
Редовно да истура, по еден бокал боја,
фосфорна,
Секоја вечер.
И црната во ноќта, не е ладна. Да!
Иако ноќта сама по себе е.
Не е! Како што сивилото во моето срце е,
Од коравот на страстите закоравено.
Како на сликарот, чашката водичка
Што од бистра станала матна,
Заради сите сластни бои, од четката исплакнати,
Така е и со душава моја мила.
Но за Милостивиот e мила, и помила,
Оти ме возљуби без да биде љубен,
Не се откажа, и по безбројте мои откажувања,
Покажувајки ми ја благодатта,
Во сите свои бои,
Кои крепат, радуваат, ми даваат да дишам
Кои може да се видат,
Во портретот на животот мој.