Знаете ли колку светители има во светот! Познавам свети луѓе кои живеат во светот, оженети, а свети. Еден човек доаѓа на Атос многу години. Оженет е и има многу деца. За време на еден од неговите престои, тој пристигна во еден скит за да се сретне со еден старец во неговата ќелија. Човекот дојде во скитот доцна вечерта. Му требало долго време за да стигне пешки. Дојде вечерта, и тој седна да се одмори. Влезе многу доцна во ќелијата на старецот. Скитските монаси го виделе како оди по патот и излегле да го пречекаат. Старецот многу го сакаше овој човек. Откако поразговарал со него, старецот му рекол:

„Земи ја оваа бројаница!“ И му ја подал најголемата. „Седнете на столче и молете се, бидејќи имаме работа! Денес, веќе, нема да можам да разговарам со тебе!“

„Благослови, Геронда!“

Откако ја посети ќелијата на старецот, тој дојде во мојата ќелија, го пуштив внатре и разговаравме. Тој ми кажа:

Седнав на столче и почнав да се молам: „Господи Исусе Христе, помилуј ме мене грешниот!“

„Поминаа половина час, час, два часа… и падна ноќта. Ми досади седењето. Поминаа три часа. Беше темно во ќелијата. Ништо не се слушаше“.

„Па, зарем не помисли дека старецот можеби едноставно те заборавил и отишол да спие?“ – му реков.

„Не, не го помислив тоа.“

„А за што размислуваше?“

„Па, мислев дека вие овде не сте како нас, ги славите црковните празници… Можеби денес се сеќавате на некој светител, па затоа вечерта се молев со бројаница четири или пет часа“.

Го погледнав.

„Чекај малку! Се молевте со помош на бројаница пет часа?!“

Поентата не е во тоа да се изговара молитвата, туку да го фокусирате својот ум на неа, на зборовите, за умот некаде да не залута.

„Добро. И за што размислуваше сето тоа време?“

„Не размислував за ништо. Кога се молиме, нашиот ум не треба да биде расеан“.

„Сакаш да кажеш дека се молеше пет часа без престан и дека ништо не ти го одвлекуваше умот?“

„Можеби еднаш ми се расеа“.

„Еднаш се расеал“ – за пет часа! Обидете се во себе да ја изговарате молитвата: „Господи Исусе Христе, помилуј ме мене грешниот!“ Пет минути, а не пет часа – без ништо да си замислувате, без да размислувате – и ќе разберете дали тоа го можете или не.

„И за што размислуваше?“

Што очекував да слушнам? А што тој ми кажа?

„Дека држам трска во рацете и дека ловам риби во морето!“

Слушнете, каква невина помисла!

„Но, веднаш се собрав и си реков на себе“ – продолжи тој – „дека сум тука да се молам, дека мојот ум мора да биде собран, и повторно се фокусирав на молитвата“.

Не му кажав ништо. Дури ни светогорските монаси не прават ваков вид на подвиг. Тој ја продолжи својата приказна:

„Во одреден момент во ноќта се слушна врева – монасите се разбудија.“

Старецот се беше вратил во ќелијата, се измил и видел како нешто се црнее на столицата. Го запалил фенерот, го осветлил столчето, и здогледал човек со бројаница, па прашал:

„Ах, веќе сте будни?“

„Не, Геронда, јас не ни спиев“.

„Зошто не спиеше?“ – прашал старецот.

„Рековте дека ќе ми кажете кога да престанам да се молам.“

Зашто, при нивниот претходен разговор, поклоникот го прашал старецот колку долго треба да се моли, а старецот му одговорил дека ќе му каже подоцна.

И затоа се молел пет часа. Ние монасите не сме во состојба да извршиме таков подвиг, таква послушност, такво смирение, таква едноставност. Ова е неверојатен духовен подвиг. И тој ризикуваше. Што, ако го сфаќаше ова? Тој би се возгордеел поради она што го беше постигнал. Старецот тоа веднаш го сфати и за да спречи човекот да не падне во гордост, и да го заштити од демонот на суетата што уништува сè, се пошегува со него:

„Будалче! Секој би разбрал дека те заборавив! Може ли гордоста да ти даде повеќе памет, па да го разбереш најпростото нешто што секој може да го разбере! Може ли себичноста да ти помогне ова да го сфатиш?! Оди да спиеш!“

„Старецот беше во право“ – ми рече човекот.

А и јас се преправав дека сум строг:

„Секако дека беше во право! Требаше да разбереш!“

Што друго би можел да му кажам?

Монах Никон Новоскитски