Си живеело некогаш едно момче – бедно сираче. Но, се појавил еден богат човек кој покажал милост кон него и го земал кај себе.
Момчето, пак, почнало да работи кај богатиот без каква и да е надокнада. Така поминала една година и еден ден сирачето дошло кај својот добротвор со молба да му плати онолку колку што му следува за изминатото време. Богатиот извадил една паричка и рекол: „Еве ти за твојот чесен труд!“
Слугата си ја земал паричката, му се заблагодарил на својот господар и отишол на потокот, онаму каде водата била најбистра.Седнало момчето на брегот, ја извадило паричката и си помислило:
„Милостив Господи! Ете за цела година јас спечалив само една паричка, но можеби јас и таа не сум ја заслужил. Еден Господ знае.Еве сега ќе ја проверам таа работа. Ќе ја фрлам монетата во водата. Ако не потоне и лебди на водата значи навистина сум ја заслужил, а ако потоне – не сум ја заслужил.“ Момчето се  исправило на брегот, се прекрстило и кажало: „Милостив Боже, ако сум ја заслужил оваа паричка таа нека лебди на водата, а ако не сум тогаш нека потоне!“
Кажало така момчето и ја фрлило паричката во поточето.

Паричката веднаш потонала. Тогаш момчето се наведнало и ја извадило паричката од водата и ја однело кај својот господар велејќи: „Господине, земи си ја својата паричка назад, сè уште не сум ја заслужил. Ќе работам кај вас уште една година.“ И така изминала уште една година. Момчето повторно отишло кај господарот и го помолило да му даде онолку колку што заслужил за својата работа. Богатиот повторно извадил една паричка и му рекол на момчето: „Еве ти за добро завршената работа!“ Слугата ја зел паричката, му заблагодарил и повторно се упатил кон потокот, застанал на брегот, се прекрстил и ја фрлил во водата велејќи:
„Милостив Боже, ако јас навистина сум ја заслужил таа паричка нека таа лебди на водата ако не нека потоне.“ Паричката пак веднаш потонала. Тогаш момчето се наведнало, ја зело и пак му ја вратило на господарот со зборовите: „Еве ти ја твојата паричка господару, земи си ја назад зашто јас сè уште не сум ја заслужил.
Ќе останам да работам уште една година.“ И повторно почнало да работи кај богатиот. Кога поминала и третата година, момчето го замолило господарот да му плати онолку колку што заслужува. Богатиот пак му дал една паричка. Момчето ја зело паричката, му заблагодарило на господарот и се упатило кон потокот, се
прекрстило и рекло: „Милостив Боже, ако навистина сум ја заслужил оваа паричка нека таа лебди на водата ако не, нека потоне.“ Ја фрлило паричката во водата, а таа не потонала туку лебдела на водата. Се зарадувало момчето, ја земало паричката и си ја ставило во џебот. Отишло во шумата, си изградило колиба и таму
останало да живее.
Така минувало времето. Еден ден до него стигнала веста дека неговиот гопсодар, на кој верно му служел три години, подготвил трговски кораб за пловење до далечни земји. Дошло момчето кај господарот со својата паричка и со молба да му купи нешто од далечните земји. Богатиот ја земал паричката и му ветил дека ќе му
купи што може да се купи за таа една паричка и отпатувал.

Долго време богатиот патувал по морињата. На крај стигнал до непозната земја. На брегот видел деца кои сакале да фрлат во морето едно маче. Кога господарот го видел тоа веднаш тргнал кон децата, велејќи им: „Но што правите?“ Децата му одговориле:
„Немаме никаква полза од тоа маче затоа сакаме да го фрлиме во морето.“ Тогаш господарот ја извадил паричката што му ја даде момчето и им ја подал на децата во замена за мачето. Децата се израдувале, ја грабнале паричката и му го дале мачето на трговецот. Трговецот си го земал спасеното маче на коработ и отпатувал во други земји.

Излегол на отворено море, а во морето се дигнал силен ветар, го потфатил коработ и го носел три месеци по брановите во непознато. На крај ветрот се смирил и коработ допатувал во непознат град. Кога во градот разбрале дека коработ е допатуван од далечни земји, многу народ се собрал на брегот за да го видат тоа чудо. Еден од жителите, кој бил многу богат, го поканил трговецот од коработ на вечера. Отишол трговецот на гости и претрпнал. Насекаде шетале стаорци и глувци, а слугите со прачки стоеле околу масата и ги бркале.

Тогаш тој му се обратил на домаќинот: „Брате, што е ова што се случува кај вас?“ А домаќинот на куќата со воздишка му одговорил:
„Ами кај нас секогаш е така. Поради тие животинки не можеме ниту спокојно да ручаме, ниту да вечераме. А кога легнуваме да спиеме, секој од нас влегува во свој сандак за да не ни ги изгризаат ушите додека спиеме.“ Тогаш трговецот се сетил на мачето коешто го беше купил пред три месеци и рекол: „Јас имам едно друго
животинче кое може да ги уништи овие за три дена.“ Домаќинот на куќата паднал на колена со молба: „Брате, ако имаш такво животинче донеси го тука. Ако ми ја кажуваш вистината јас ќе ти го наполнам коработ со злато и сребро!“

Следната вечер трговецот се вратил на коработ и го донел мачето. Сите легнале да спијат во сандаците. Трговецот ги убедувал да не се кријат, но сите се плашеле па само тој си легнал во кревет. Го пуштил мачето, а тоа кога ги видело сите тие стаорци и глувци како шетаат наоколу, веднаш се спуштило да ги брка и да ги лови.
Глувците и стаорците сфатиле дека ќе мора или да бегаат оттука или тоа ќе биде нивниот крај. Утрото кога изгреало сонцето и луѓето почнале да се будат и да излегуваат од сандаците, виделе огромен куп мртви глувци и стаорци по собите. По подот веќе никој не трчал.

Минале три дена и ниту еден глушец или стаорец не останал во куќата. Господарот на домот го исполнил своето ветување и го наполнил коработ на трговецот со злато и сребро. Коработ отпловил кон дома. Кога разбрало момчето дека неговиот господар се вратил, дошол кај него за да види што му донел во замена за неговата
паричка. Богатиот му дал сè што имало на коработ, сето злато и сребро, а освен тоа му ја дал својата ќерка за да се ожени со неа и да создадат побожно семејство.