Некогаш многу одамна, на врвот на една планина, си живееа три дрва. Едно сончево утро, започнаа разговор за нивните соништа и планови за иднината.
-Би сакал,еден ден да станам ковчег за богатство. Да чувам злато, сребро и бесценети камења.- рече првото дрво.
-Јас би сакал, еден ден да станам огромен брод. Со мене да пловат цареви и царици, до сите краеви на светот.-рече второто дрво.
-Јас сакам да пораснам и да бидам највисокото дрво на светот. Луѓето кога ќе ме погледнат ќе мислат на рајот. Ќе се прашуваат, колку сум блиску до Бога и ќе се сеќаваат на мене засекогаш.-последно проговори третото дрво.
По неколку години, на планината дојдоа дрвосечачи и ги отсекоа трите дрва. Првото и второто дрво беа многу среќни, надевајќи се дека ќе им се остварат желбите, но трето дрво беше тажно, бидејќи не успеа да порасне и да стане највисокото дрво на светот.
Од првото дрво, еден дрводелец направи јасли за хранење на добиток.
-Ах! Колку сакав да станам ковчег за богатство, а не хранилка од која ќе се хранат животните.-рече натажено.
Од второто дрво направија мал рибарски кораб, со што и неговите планови “потонаа”.
Од третото дрво направија големи греди и ги фрлија во еден темен подрум.
Поминаа многу години и дрвата ги заборавија своите соништа.
Еден ден, во шталата пештера, во која беа јаслите од првото дрво, дојдоа маж и жена, да преноќат бидејќи за нив немаше место во гостилницата. Жената роди Син и Го положија во јаслите. Божествена светлина ја осветли шталата и тогаш првото дрво разбра дека го држи најголемото богатство на целиот свет.
Помина долго време. Еден ден, на коработ направен од второто дрво се качија група луѓе. Одеднаш, се подигна силна бура и луѓето се исплашија. Го разбудија човекот што спиеше, а Тој му се закани на ветрот и му рече на морето: Стивни! Молкни! И веднаш бурата стивна.Тогаш, второто дрво сфати дека Го пренесува Царот над Царевите.
По некое време, во подрумот кадешто лежеше заборавено третото дрво, дојде еден човек.Тој го зеде дрвото и додека го носеше по улиците, луѓето Му се ругаа и Му се потсмеваа. И го распнаа на крстот направен од третото дрво, кое тогаш сфати дека Тој е Исус Христос!
Соништата на секое дрво се остварија, но не на начинот на кој тие ги имаа замислено. Затоа, кога работите не одат така како што сакаме, сетете се I запомнете дека Бог не^ има предодредено за нешто многу посебно.