Еден од последните големи духовници на предреволуционерна Русија во Оптинската пустина – старец Нектариј (+1928 год.), се сеќавал на случки од своето детство дури до длабока старост и многу сакал некои од тие случувања да ги раскажува како поуки.
Еднаш мајка му седела и шиела нешто. Тој пак (во тоа време се викал Коља), си играл на подот со едно маченце. Големите зелени очи на мачето блескале во полумрачната одаја. Коља бил многу изненаден кога го забележал тоа…
Додека маченцето си стоело мирно до него, Коља извадил една од иглите на мајка му и се подготвувал да му ги извади очите на маченцето за да види што е тоа што свети во нив. Но, мајка му го забележала тоа и брзо му ја фатила раката: „ Ах, ти!“ – подвикнала таа – „ Ако му ги извадиш очите на мачето после самиот ќе останеш без очи. Господ да те чува!“
Поминале многу години… Николај решил да стане монах и бил примен во Оптинската пустина. Откако поминале неколку години, кога тој веќе бил јеромонах (при потстригот наречен Нектариј) еднаш отишол на изворот. Во тоа време друг монах вадел вода. Над кладенецот била закачена црпка со остра издолжена рачка. Монахот кој црпел вода, од невнимание за малку не му го извадил окото на отец Нектариј со остарата дршка. За само секунда старецот можел да остане без око.
– Ако тогаш му го извадев окото на мачето – кажал тој – сега јас ќе останев со едно око. Очигледно тоа требаше да се случи за да ме потсети на мојата недостојност и дека од лулка до гроба за сè што правиме пред Бога ќе одговараме.
… Од одаја во одаја, бесшумно, по старецот одел еден пуфкаст сив мачор. Ако излезел старецот тој излегувал по него, влезел ли старецот – тој по него. Ќе му кажел ли нешто отецот – тој го послушувал како разумно суштетство, исполнувал сè што ќе му се каже – одел и седнувал каде ќе му посочел, влегувал во приемната или на чардакот. Најчесто си лежел до топлата печка и дремел или со наведната глава ги слушал молитвите на старецот… Отец Нектариј често го погалувал по главата велејќи му:
– Преподобниот Герасим од Јордан беше голем старец и затоа имаше лав, а ние малите си имаме мачиња.