Кои се тие што вистински Го сакаат Бога, од каде доаѓа нивната љубов кон Него и како се покажува? Кои се делата на љубовта кон Бога кога се во прашање нашите ближни? Љубовта како врвно начело на стариот и новиот закон.
Свети Симеон Нов Богослов, Азбучни поглавја, поглавје 9.
Некои луѓе се чудат како е можно повеќето христијани да не Го љубат Христос. Бидејќи да Го љубиш Христос не е ништо друго туку да ги почитуваш Неговите заповеди, како што рекол Тој: „Оние кои ги знаат и ги пазат Моите заповеди се оние кои ме љубат“. Затоа кој не ги чува Неговите заповеди, дури и да вели „Го љубам Христос“, не ја кажува вистината. Секој татко кој гледа и храни син или ќерка и ги чува, како и секој што стекнал слуга или плаќа наемник, го прави тоа за тие да бидат и да останат единствено во служба нему и на неговиот дом, и ги храни, ги облекува и се грижи за нивните потреби. Но ако види некој од нив да не ги извршува неговите желби и да не ја исполнува задачата која му е доверена, ќе биде ли задоволен кога синот или ќерката просто ќе му речат „Ти си ни татко“, или ако робот, или наемникот му речат „Ти си ни господар“? Затоа Бог кажува, преку Својот пророк: „И ако сум Јас татко, тогаш каде е почитта кон Мене? И ако сум Јас Господ, тогаш каде е стравот пред Мене?“ (Малах. 1, 6).
Ете зошто христијаните кои не Го почитуваат Бога преку исполнување на Неговите наредби и пазење на Неговите заповеди не се поразлични од оние кои дури и не веруваат во Христос; всушност можат да бидат и многу полоши. Неговите наредби и заповеди се да се прави вака и да не се прави онака. Кој не го сторил она што не треба, нема секако да биде казнет заради тоа, но и ако не го сторил ниту она што требало, нема да извлече никаква полза. Она што е тука најважно е да не се прави зло и да се прави добро. А треба и да разбереме дека ниеден христијанин не може да одбегне да прави зло или да се вежба во чинење добро освен преку силата на Светиот Дух, кој им се дава на оние кои веруваат во Христос со сето свое срце, на оние кои се одрекле од сатаната и од сите негови дела и поданици и се соединиле себеси со Христос.
Природата на човекот е променлива и подложна на измени, како и неговите навики; зашто само божествената природа е непроменлива и неизменлива. Кога христијанинот се соединува со божествената природа на Христос, тој се променува и изменува и во однос на природата и во однос на навиките кон нешто побожествено, така што да може да стане во добродетелта сличен со Оној Кој ја чини промената, т.е. со „Сонцето на Правдата“. Христијаните се даваат себеси целосно на Христос, и Тој им ја дарува измената. Бидејќи, од една страна, христијанинот е немоќен да се измени себеси, а од друга, Христос не му дарува измена на тој што не Му се предава Нему целосно.
Па така, ако христијанинот не ја доживеал оваа добра измена, не треба да ја обвинува за тоа својата природа, туку себеси. Свети Павле вели: „Кој се соединува со Господа, еден дух е со Него“. И самиот Господ кажува: „Бидете во Мене, и Јас ќе бидам во вас. Како што прачката не може да роди плод сама од себе, ако не е на лозата, така и вие, ако не бидете во Мене. Јас сум лозата, а вие прачките; и кој што е во Мене, и јас во Него, тој ќе даде многу плод; оти без Мене не можете да направите ништо. Ако некој не остане во Мене, ќе биде исфрлен надвор, како прачката, и ќе се исуши… Бидете во Мојата љубов! Ако ги запазите Моите заповеди, ќе останете во љубовта Моја, како што Јас ги запазив заповедите на Мојот отец и останувам во љубовта Негова“ (Јован 15, 4-6, 9-10“. И повторно, „По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе“. Учениците се препознатливи по оние кои им биле учители, било да се граматици, оратори, философи, ѕидари, ткајачи или кожари. По истиот принцип, оној кој има љубов е препознатлив по добриот учител, Христос нашиот Бог, Кој толку нè засака што постана човек и ја даде Својата душа како откуп за нас. Ако немаш љубов, како можеш да бидеш христијанин?
Оние кои занемарија многу од патеките и од големиот аскетски труд, но за целото тоа време ја пазат љубовта како во законот што им го покажа Христос, нивниот Учител, нив љубовта ги крева до врвот и до совршенството на светителите. Зашто е напишано дека оние кои ги љубат браќата и сестрите го исполниле целиот закон а ако не ги љубиме браќата и сестрите, кои сме ги виделе, како можеме да Го љубиме Бога, Кого не сме го виделе? И дека оној кој вели дека Го љуби Бога а ги мрази своите браќа и сестри е лажец.
Но секој кој ќе слушне „Љубов“ и мисли дека е лесно да ја стекне, греши, бидејќи е тоа голема и сериозна заповед. Затоа Бог промисли и постави капки од силата на љубовта по целата природа. Природно е за децата да си ги сакаат родителите, сопружниците и роднините да се сакаат едни со други, пријателите да си ги сакаат пријателите, така што од оваа претходнопостоечка природна сила разумната природа на човечките суштества да може активно да премине во силата на оваа необврзувачка љубов. Зашто Христовата велика и совршена заповед за љубовта се однесува не на природната љубов, туку на љубовта која луѓето ја даваат слободно и е несебична.
Во однос на големината на оваа заповед како и на превосходноста на добродетелите и дострелите и дека е таа повисока од секаков телесен подвиг, чујте што кажува Светиот Павле, кој зборува од име на Христос. Зема пет дарови кои се високо ценети и покажува дека, без љубов, тие се залудни и опасни: зборувањето на разни јазици, пророкувањето, верата, милостината и мачеништвото. Тој вели: „Да зборувам на сите човечки јазици, па дури и на ангелски, да имам пророчки дар, да ги знам сите тајни, да го имам сето знаење, а и така силна вера што и планини да преместувам, да го раздадам целиот имот, да позволам телото да ми изгори, но немам љубов, ништо не ми користи“. Тогаш како? Изгледа како некој да го прашува како се возможни овие добродетели без љубов, зашто тој продолжува и ја разрешува збунетоста: „Љубовта е долготрпелива и полна со добрина; љубовта не завидува, љубовта не се превознесува; не се гордее, не прави што е недостојно. Не бара свое, не мисли зло, на неправдата не се радува, а на вистината се радува. Љубовта сè извинува, во сè верува, на сè се надева, сè претрпува. Љубовта никогаш не престанува“ (Види: 1 Кор. 13). Со ова тој покажува дека луѓето кои зборуваат на разни јазици може да се превознесуваат; дека оние кои пророкуваат може да се надуени од гордост; дека оние кои имаат вера и чинат чудеса може да се фалат; дека оние кои се дарежливи може да ја пожнеат славата на оние на кои им дале милостина, и дека оние кои брзаат да станат маченици може да се возгордеат во своето херојство. И бидејќи го завршува пасусот со „Љубовта никогаш не престанува“, алудира на смирението како корен на љубовта, бидејќи коренот нема каде да падне: секогаш се закопува длабоко во земјата. Така ако луѓето мислат дека имаат љубов, а не се трпеливи и не се добри, туку завидливи и фалбаџии, полни со гордост и бесчесност, и го бараат само својот интерес, избувливи, мислат на најлошото, се радуваат на неправда, вистината ги натажува, не се подготвени да попуштаат, немаат вистинска вера, не се способни да се надеваат, да поднесуваат, тогаш се лажливци. Немаат љубов.
Целиот закон кој Бог им го даде на луѓето е љубовта, и тој има две скалила, прво и второ, бидејќи и законот е двоен, стар и нов. Оние кои се искачиле на првото ги оставиле зад себе земните работи, додека оние на второто го допреле самото небо. Првиот закон вели: „Љуби го ближниот како себеси“; а вториот „Љуби го непријателот и положи ја душата за пријателот“. Бидејќи полагањето на душата за пријателот е Божјо дело, луѓето кои се искачиле на второто скалило на љубовта воздигнати се до рајот. А оние кои ги мразат и лошо се однесуваат со тие кои нив ги сакаат се не само полоши од оние кои приговараат во корист на непријателот, туку и слезени се во самиот мрак на пеколот.