Св. Григориј Синаит
За благодатната молитва
Еден разговор на Св. Григориј Синаит со Св. Максим Капсокаливит ни открива како во душата Максимова се разгорел благодатниот оган и како започнала самодејствувачката молитва. Понатаму се отвораат, до извесен степен, молитвите кои ние не можеме да ги допреме, зашто тие ја надминуваат нашата духовна возраст и разбирање. Сепак, сознанието за ваквите состојби ни е корисно, за да добиеме стравопочитување и за да не мислиме дека животот на молитвата е исцрпен во она што само ние го знаеме (свети Теофан Затворник).
***
Божествениот Григориј го сретна Максим и го запраша:
– Те молам чесен оче одговори ми, ја извршуваш ли ти постојаната молитва?
Овој ја наведна главата и одговори:
– Јас не сакам да го скријам она чудесното што се случи со мене. Од раната младост јас имав длабока вера и еднаш кога вообичаено со солзи во очите ѝ се молев на Мајката Божја за дарување на постојана молитва, како одеднаш да почувствував некоја посебна топлина, која може да се опише како некаков оган во срцето кој не ме гореше, туку ме правеше блажен и ме исполнуваше со длабоко внатрешно восхитување. Од тој момент моето срце е исполнето со постојаната молитва и го прави мојот ум блажен во постојано сеќавање на Исуса Христа и на Мајката Божја. Прости ми!
Свети Григориј понатаму праша:
– Те молам, почитуван оче, кажи ми дали доживуваш некоја внатрешна промена или било каков плод на Светиот Дух при срдечната молитва?
Божествениот Максим на тоа одговори:
– Да, мене ме исполнува неизмерна љубов која го подига мојот дух кон Бога. Заради тоа јас ја избрав самотијата и го практикував молчењето, за да се здобијам со плодот на молитвата во поголема мерка.
Григориј повторно запраша:
– Те молам, повери ми што доживува твојот дух кога е воздигнат и кога Го гледа Бога со очите на умот? Може ли тој и тогаш да ја извршува срдечната молитва?
Максим му одговори:
– Не, тоа не може. Кога благодатта на Светиот Дух ќе се всели во човекот преку молитвата, тогаш молитвата престанува, зашто таа е услишена. Умот… тогаш му се покорува на Светиот Дух и дозволува да биде однесен секаде каде што Тој ќе го одведе: во бестелесниот воздух на божествената светлина, во неискажаното боговидение, или пак, што често се случува, во божествен дијалог. Утешителот му ја дава секому онаа благодат која му е потребна. За тоа имаат објавено пророците и апостолите. Така, пророк Исаија Го гледаше Господа на високиот трон како е носен од серафими. Маченикот Стефан го гледаше отворено небото и Исуса Христа покрај Бога Отецот. Така, и денес, слугите Божји се облагодатуваат со духовно гледање. Тоа одговара на она што е објавено преку пророкот: „Ќе излеам од Мојот Дух врз секоја плот“ (Јоил 2, 28). Ваква благодат Христос им испрати на своите ученици, неа ја дава и денес и ќе ја дава на своите верни до крајот на времето, како што впрочем и беше ветено… Умот на таквите луѓе се поучува со Светиот Дух и се воведува во најголемите тајни, кои инаку остануваат скриени за човечкиот разум. Вака разбери го тоа: кога восокот е ладен може да се земе и да се држи. Ако го ставиш во оган, тој гори, се топи и станува светлина. Таков е и човековиот ум: самиот за себе, според својата сила, тој мисли на работите кои ги гледа наоколу. Кога ќе се приближи до огнот на божеството, тој се разгорува со огнот на Светиот Дух и станува целосна светлина… и се разлева во божествени боговидувања. Во тој божествен оган, за него тогаш е невозможно нешто сопствено да мисли, зашто добива најголемо просветлување во боговидечката молитва.
Кога благодатта на Светиот Дух ќе продре во човекот, таа тогаш го собира неговиот ум и му дава внимание и смирение, му ги доведува во свеста неговите грешки и слабости, а исто така и смртта и Судот… и го исполнува со покајание полно со умиление. Колку подлабоко таа ќе го проникне човекот, толку повеќе ја задоволува душата, ја теши преку светите Христови страданија и преку Неговата неизмерна љубов кон луѓето го исполнува умот со божествено сознание – со незамислива сила Божја. Он, со еден збор повикува од небитие во битие; Неговата неизмерна сила управува и одржува сè и за сè промислува. Со еден збор, се добива сознание за неоткриените бездни на божественото битие.
Тогаш умот станува продуховен од божествената светлина и просветлен од Божјото знаење. Срцето е благо и мирно, и изобилно ги излева плодовите на Светиот Дух – мир, радост, трпение, добрина, сострадание, љубов, смирение… (Гал. 5, 22) и душата ужива неискажлива радост.
Сите овие излагања укажуваат за највисоките состојби на молитвата… во која Светиот Дух го воведува човекот со помош на срдечната молитва кон Господа Исуса Христа. Кога човекот ќе го доживее тоа, на него, согласно со можностите на неговите сфаќања, му се откриваат божествените тајни и виденија кои не можат да се изразат со зборови. Затоа моли Му се на Седобриот да ти Го подари Својот Свет Дух. Земи Го Него за придружник: Он го чува и го утврдува твоето срце, ти ги просветлува очите на духот и го осветлува твојот ум. Он нека те учи и нека ти открие сè што е скриено. Нему верувај Му, Него сакај Го. Токму кон Него те води постојаната умно-срдечна молитва.