Што ќе ми дадете, та да ви Го предадам? Кажи ми – на тоа ли те научил Христос? Бадијала ли Он зборува: „Не носете во појасите ваши ни злато, ни сребро, ниту бакар“ (Мат. 10, 9), откако претходно ќе ја воздржиме нашата склоност кон среброљубие? Бадијала ли Он постојано убедува и заедно со тоа постојано тврди: „Ако некој те удри по десниот образ, заврти му го и другиот“ (Мат. 5, 39). Што ќе ми дадете, и јас ќе ви Го предадам? О, безумие! За што, кажи ми? За малку или за нешто големо можеш да Го обвиниш, та Го предаваш својот Учител? Затоа ли, оти Он ти дал власт над демоните? Затоа ли, оти ти дал сила да исцелуваш болести и да очистуваш красти? Затоа ли, оти ти дал сила да воскреснуваш мртви и те поставил да бидеш господар над смртта? Така ли ти се отплатуваш за овие благодати?

Што ќе ми дадете – та да ви Го предадам? О, безумие, или подобро, среброљубие! Од тој порок се изродува сето зло вовлечено од него, Јуда Го предава својот Учител! Таков е тој зол корен: полош од бес, пострашен од чума – тој ја доведува душата кон смртен грев! Оние, кои се обземени од него, можат да заборават на сè: и себеси, и ближниот, и законите на природата, и заповедите на Бога, и да се лишат од секаков разум, па да станат сосема безумни. Гледате ли, колку нешта тој порок уништил во душата и во животот на Јуда: и другарството со Христа, и пријателството со апостолите, и општењето на братската трпеза, и поучувањата и убедувањата, и учењето и чудата – сето тоа се заборава и губи поради среброљубието! Ете зошто е во право богомудриот Павле, кога вели: „Коренот на сите зла е среброљубието“ (1. Тим. 6, 10).

Што ќе ми дадете, та да ви Го предадам? Големо безумие содржат овие зборови! Кажете ми, можно ли е да се предаде Оној, Кој држи сè, Кој владее со бесовите, Кој заповеда на морето и е Цар на вселената? Откако Го предаде својот Учител, Јуда ја разбра својата постапка, ги фрли сребрениците на старешините и виде дека згреши, оти предаде невина крв. Што е тоа? Кога виде дека направи чуда, тогаш започна да зборуваш дека си згрешил, откако предаде невина крв – но, сепак: што ќе ми дадете, за да ви Го предадам! Меѓутоа, кога злото успеа и предавството се исполни, и кога гревот е веќе извршен – дури тогаш го осозна својот грев! Каква е поуката од тоа? Имено, кога се предаваме на безгрижност – убедувањето не ни донесува полза; а кога сме внимателни – самите можеме да се издигнеме! Така се случи и со Јуда: кога Учителот го убедува – тој не слуша; кога, пак, никој за ништо не го следи, сопствената совест го пробудува: и без секаков учител тој се променува – го осудува тоа, што се осмелил да го стори и ги фрла сребрениците!

Што ќе ми дадете, та да ви Го предадам? О, зборови безбожни! Како се извлекоа од неговата уста; како се помрачи умот негов – како се скамени целото негово тело?!

Свети Јован Златоуст