Свештеник Димитриј Шишкин
ТИВКА АПОКАЛИПСА
Со загриженост ги следиме најновите вести, ги читаме и разгледуваме, згрозени сме, но не забележуваме дека нечија несреќа и болка стануваат дел од глобалната шоу – програма. Темата на апокалипсата одамна стана моден бренд во забавната индустрија, различна од вистинската содржина на овој важен збор. Зборот „апокалипса“ е преведен како „откровение“ – тоа е она што Бог го открил за наше вразумување за да бидеме трезвени и да се сеќаваме на вистинската цел на земниот живот, а тоа е неопходноста од постигнување единство со Бога.
Кај нас, поимот „апокалипса“ упорно се поврзува со страшни и катастрофални настани од светски размери. Сите ние знаеме за надворешните знаци на космичката катастрофа која се приближува. За нив зборуваме дури и премногу, ги разгледуваме и толкуваме, но, сепак, има и други, многу поважни скриени предзнаци. Господ вели дека во последните времиња „безаконието ќе изобилува и ќе се умножи, бидејќи љубовта на многумина ќе се олади“ (Мат. 24, 12). А, апостол Павле токму за нас додава дека луѓето ќе бидат „самољубиви, среброљубиви, самофалници, горделиви, хулици, непослушни на родителите, неблагодарни, непобожни“ (2. Тим. 3, 2). Ете, на тоа треба да обрнеме внимание, ете од што треба да се плашиме повеќе од разни земјотреси, цунамија, радијации… Живееме во ера на глобални климатски промени. Не зборувам за времето – нека се справат со тоа метеоролозите. Зборувам за катастрофални промени во човечката природа. Некој ќе рече дека од времето кога паднавме во грев, ништо во човекот или во човечката раса се нема променето како целина. Но, сепак, не е така. Во спротивно, немаше да има општ потоп и пропаст на Содома и Гомора – на оние горчливи примери на масовна и катастрофална деградација, со сите последици што од таму произлегуваат. Според зборовите на Светите отци, природата на човекот и на општеството како целина е „склона кон грев“. Во наше време, ова е особено очигледно. Вистинската апокалипса се одвива тивко и незабележливо во нашите срца, само што нејзините димензии не ја достигнале онаа критична точка кога ќе се запалат стихиите, па ќе ја уништат земјата и ќе ги изгорат сите нејзини елементи. Духот Христов нè напушта, а другиот, оној страшниот сатански дух на користољубието, прагматизмот, непостојаноста, рамнодушноста и неограниченото себељубие, на голема врата влегува во нашите животи. Еве живи примери од моите неодамнешни средби.
…Човекот не може да оди нормално, со ситни чекори се движи многу споро и напорно, повремено подзастанува и понекогаш не може да се покрене од самото место. Стои, се префрлува од нога на нога, собирајќи сила. Тивок е и фокусиран човек. Неколку пати му понудив да му помогнам, но тој учтиво ме одби. Се гледа дека оваа лична борба е важна за него. Тој доаѓа во храмот во секакво време и невреме: во лето, на врелина од која се топи асфалтот, во есен, при големи врнежи, во зима, на голиот и лизгав мраз (што е особено опасно за неговата положба) и во пролет, кога сè ќе се растопи. Тој доаѓа и доаѓа во храмот, како да се вознесува кон својата сопствена и невидлива Голгота. Дури во овие денови случајно ја дознав неговата приказна.
Овој разумен и зафатен човек, овој грижлив татко и верен сопруг, до неодамна имал напорен и исполнет живот, но за жал се разболел. Нешто се случило со неговите зглобови, така што сега едвај се движи. Потоа се случило нешто во што е тешко да се поверува дури и во нашите бездушни времиња. Неговата сопруга и нејзината мајка го избркале од дома… едноставно така, без никаква причина… затоа што оболел и станал товар. Тие го избркале… а, тој не тргнал да се суди со нив. Помило му било да трпи заради Христа, да го носи својот крст. Сопругата и нејзината мајка го воспитуваат неговиот единаесетогодишен син да се срами од неговиот татко. А, тој трпи сè смирено и едноставно, и никому не му суди, говори дека неговиот син, кога ќе порасне, можеби ќе мисли поинаку… Го примил сиромашниот комшија во својата трошна грдба од кал со пропаднат кров и искршени прозорци. А, во близина, во удобниот дом со камена ограда, остана да живее жената што го избркала и оние кои тој сè уште, со зачудувачка незлобивост, продолжува да ги смета за свои роднини. Понекогаш нема што да јаде. Тогаш, внимателни и сочувствителни баби му пакуваат масло, гриз, конзерви и леб – што и да најдат. И тој е искрено благодарен, од дното на срцето им се заблагодарува и на Бога и на бабите…
А, еве, и други приказни, исто така неодамнешни. Mи дојде една жена целата во солзи. Ја слушав и ми се чинеше дека западнав во некој кошмарен сон. Жената е сопруга на добростоечки господин. Тие живееле во законски брак многу години и се покажало дека жената има рак и дека лекувањето ќе биде многу скапо. Тогаш, сопругот отишол кај лекарот и го прашал какви се шансите за закрепнување. Лекарот искрено признал дека шансите се многу мали бидејќи болеста е занемарена. Тогаш, сопругот ѝ рекол на сопругата: „Мила, прости ми, но не можам да трошам на тебе… не се исплаќа. Разбери: шансите за твое закрепнување се многу мали, а јас можам да изгубам сè“. Раскажувајќи ми го ова, жената гласно ридаше, а јас не можев да најдам зборови за да ја утешам. Сфатив дека апокалипсата веќе настапува. Овде и сега.
И повторно некој ќе рече: отсекогаш било така! Да, во светот отсекогаш постоеле подлост, рамнодушност и себичност. Но, ако ја користиме сегашната терминологија, „нивото на радијација“ било малку различно. Не било баш толку критично. А, сега не е „во границите на дозволеното“, туку е одамна „смртоносно опасен“. Толку многу се плашиме од радијација, толку многу зборуваме за неа, особено денес, а не забележуваме дека концентрацијата на „гревовни честички“ во воздухот одамна ги има надминато дозволените граници. Меѓутоа, ние оваа опасност не ја чувствуваме бидејќи престанавме да го слушаме гласот на сопствената совест, тој „Гајгеров бројач“ кој Бог внимателно го сместил во душата на секое човечко битие. Така е, зашто свесно и постојано ја газиме својата совест, престануваме да ја слушаме, гушејќи ја со грешните навики и безаконскиот живот.
Се плашиме од сите можни непогоди, а Господ ни вели: „Не плашете се од оние што го убиваат телото“ (Лука 12, 4). Страдањето, па дури и самата смрт, може да стане топилница за добрата душа, така што таа, налик на прочистено злато, ќе стигне до Царството Небесно. Но, кога ќе се изгуби Духот Христов, кога душата е лишена од благодатта, тогаш таа уште овде на земјата, живее во предворјето на вечната смрт. Треба да се има закоравено срце, па тоа да не се почувствува. Во тоа се состои главната несреќа, тоа е знакот на апокалипсата, а тоа е нашата нечувствителност. Ние не разбираме што е вистинско добро и вистинска среќа. Апокалипсата настапува во нашата самозаборавна опиеност од страсти, во потрагата по задоволства, во удобноста, во изобилството и во настојувањата за успех по секоја цена, наспроти духовните и моралните норми. Скриена е таа и во нашата тотална заробеност од гревот, во зависноста од страстите.

Во принцип, зависноста во наше време не е тесно психијатриски поим, туку е дијагноза на општеството, кое не ја изгубило вербата, но се има одречено од нејзината моќ – денешниот начин на живот е губење на традицијата и на моралните норми. Денес, скоро сите веруваат, но таа вера е нејасна, необврзувачка, и е вера „за секој случај“. И што е најтажно, таа вера не само што не се спротивставува на многуте зависности, туку и се прилагодува на нив како ништо да не треба да се менува во таквиот живот. Така се појавуваат многу „страсни“ религии: вера која помага во бизнисот и во деловното работење, која се препушта и им се упикува на похотите, на властољубието, на себељубието и на гордоста… Ако може така да се каже, освен зависностите како што се алкохолизмот, наркоманијата, лихварството, кои се очигледно погубни и социјално опасни, постојат и помалку маргинални завсности кои не се помалку опасни и за самиот човек, но и за општеството. Тоа е истиот оној блуд што се шири со брзина на смртоносна и погубна епидемија. Воопшто не е метафора кога велам „погубна“. Колку семејства пропаѓаат, оставајќи ги децата ако не потполно, тогаш како полусирачиња, во кои се осакатуваат нивните души, во кои уште од детството се формира изопачена и погрешна идеја за семејството и за односот помеѓу мажот и жената. Младите, незапирливо, како во некое лудило, ја расипуваат и осакатуваат сопствената душа, не сфаќајќи дека со текот на времето ќе мора да ги јадат горчливите плодови на своето безумие. Зашто „платата за гревот е смрта“ (Рим. 6, 23) – односно распаѓањето на душата. Само длабоко и искрено покајание може да го промени дејството на тој закон. А, до покајанието допрва треба да се пристапи.
Постојат зависности, кои, од гледна точка на современиот свет, отворено се сметаат за доблести, но, од гледна точка на православната вера, тие не се помалку разорни и помалку опасни за душата отколку „грубите“ страсти. Овие страсти и зависности се опасни токму заради тоа што се навидум добри. Нивната опасност се состои во тоа што ја убиваат душата, што ја лишуваат од духовниот живот и што нè оддалечуваат од Бога, така да се каже, на незабележителен начин. Во овие „незабележливи“ страсти можат да се вбројат и страста за успех и за благосостојба, кога човекот за темели на својот живот ги поставува стекнувањето на статус во општеството, градењето кариера, гладта за изобилство и успех. Сите овие опседнатости, кои понекогаш се нарекуваат „здрава амбиција“, всушност го оддалечуваат човекот од разбирањето на вистинската цел и вредност на човечкиот живот, и го прават роб на една од најопасните страсти, на гордоста и на нејзините деца, на самољубието и на славољубието.
„Најуспешниот“ човек може, во вистинска смисла на зборот, истовремено да биде духовен мртовец, токму заради тоа што сопствената благосостојба и самозадоволство го имаа заслепено. Целиот свој живот служејќи си на својата саможивост, тој може да умре за Царството Божјо. Таквиот човек честопати станува неспособен да го види својот грев, да се покае за него, а тоа всушност е вистинскиот предзнак на духовната смрт.

Наведов примери за разорна бездушност во однос на блиските луѓе. Меѓутоа, постои и спротивна, „духовна“ страст, која убива милиони луѓе, незабележително за нив самите. Зборувам за „грижите на овој свет“ (Мат. 13, 22), со кои апсолутното мнозинство на покрстени луѓе го оправдуваат отсуството на свесен христијански живот. Господ вели: „Внимавајте на себеси, за срцата ваши да не отежнат со прејадување, пијанство и грижи за овој живот“ (Лука 21, 34). Би се рекло дека ова е за изненадување. Би се рекло дека Христос, таквиот природен, па дури и позитивен чин како што се световните грижи, ги додава на смртните гревови како што се угодувањето на стомакот и пијанството. Зошто? Бидејќи во бесконечните грижи од овој свет, најлесно е човекот да заборави на Бога, на душата, па дури и на совеста, притоа прикривајќи ги најсрамните гревови: кражбата, измамата, разбојништвото, користа, безбожноста – сите „добри“ грижи за неговото семејство и за неговите ближни. Во тоа и се состои главната опасност од оваа „тивка страст“. Во тоа што таа без никаков сомнеж ги убива душите незабележително. Дури би рекол, за тврдиот пијаница или ненаситник е полесно да стане свесен за својот грев, да се покае за тоа, отколку за „грижливиот семеен човек“ кој ќе ги оправда најстрашните гревови со остварување на некои „високи цели“. Потсетете се на филмот „Кум“, во него сè беше изградено врз основа на таа „добра“ идеја на семејниот живот. Страшно е да се каже, но семејството и грижите на овој свет, исто така, можат да станат идол што го влече човекот кон пропаст. Затоа Господ говори: „Оној што сака татко или мајка повеќе од мене, не е достоен за мене; и тој што сака син или ќерка повеќе од мене, не е достоен за мене“ (Мат. 10, 37).
Љубовта кон семејството, грижата за семејството, работата и кариерата, стекнувањето на пари – сето тоа е добро и правилно, но само ако човекот не го заборави својот главен повик – да живее во согласност и хармонија со Бога. Ако добриот семеен човек ги проверува сите свои мисли, зборови и постапки не преку мислењето на овој оболен свет, туку преку законот Божји. Тоа е единствената основа за вистински, радосен, здрав и слободен живот.
Во Светото Писмо се вели: „Светиот Дух е Господ; и каде што е Духот Господов, таму е и слободата“ (2. Кор. 3, 17). Еве ја формулата за вистинската слобода, која треба да биде запишана во нашите срца, па во сложеноста на животот, пред сè да се погрижиме да останеме во заедница со Христовиот Дух и да дејствуваме христијански. И иако таквото однесување, таквиот начин на живот, може да биде во спротивност со нормите прифатени во современото општество, па дури и да создаде проблеми во човечкиот живот, на крајот, самиот човек ќе биде најголемиот победник – победник на вистинската и највисока слобода, на слободата да учествува во Божјата вистина, убавина и љубов. И, тоа воопшто не се апстрактни концепти, туку највисоката реалност во однос на која ги градиме сопствените животи.
Кога ќе се случи катастрофа, во општеството започнуваат сите можни проверки, набљудувања, тестирања … Луѓето се трудат да се обезбедат и да ја спречат несреќата. И тоа е сосема нормално. Но, зошто ги игнорираме советите на Оној што знае да ги избегне сите овие несреќи во реалноста?!
„Бидете будни и молете се“ (Мат. 26, 41), вели Господ. Да се биде буден (да бдееш) значи да не се дозволи да бидеш измамен од духот на времето, туку да се живее според законот Божји, да се размислува, да се зборува и да се постапува со трепетна свеста за Неговото присуство.
И треба да се молиме не само со читање на одреден број зборови, туку со живо срце, обраќајќи му се на живиот и семоќен Бог со болка, надеж и вера.
Вознемирувачки вести доаѓаат од Земјата на изгрејсонцето, и како да не се сетиме дека Фукушима, во превод од јапонски јазик значи „Остров на среќата“. Можеби страшната трагедија од последните неколку недели е само уште еден потсетник за сите нас кои живееме на Земјата, дека среќата без вера е како куќа изградена на песок. Дека технолошкиот рај лесно може да се претвори во техноген пекол. Едноставно затоа што најголемата среќа е согласност со Бога. И Неговото Царство е во нас. Треба само да го пронајдеме.