Елеуса Фондција го најави првиот хуманитарен концерт „Звукот на човечноста“ што ќе се одржи на 25 април 2023 година во 19 часот во НУЦК „Антон Панов“ во Струмица.
На денешната прес коференција, организаторите посочија дека ова е прв концерт на Елеуса Фондација од ваков формат, и прв настан на кој бендовите од трите струмички средни училишта, заедно со музичкото училиште „Боро Џони“, како и Вокално- инструменталниот состав „Стихири“ да имаат заеднички настан и тоа под чадорот на човечноста и хуманоста.
-Освен, што ова е прв настан од ваков вид, кој го впишуваме во хуманитарното портфолио на нашата организација, ова е ревијален настан за нашата заедница. За првпат на една сцена ќе настапат бендовите на трите средни училишта од Струмица „Јане Сандански“, „Димитар Влахов“ и „Никола Карев“, основното музичко училиште „Боро Џони“ и Вокално-инструменталната група „Стихири“. Тоа е силата на заедништвото, на соработката и на солидарноста, атрибути кои ги негуваме и поттикнуваме, истакна Катереина Панов Кожаров од име на Елеуса Фондација.
Оттаму испратија огромна благодарност до директорите на училиштата, до нивните музички педагози и секако до учениците кои безусловна ја прифатија поканата да бидат дел од настанот и да покажат како звучи човечноста.
Директорката на музичкото училиште Клара Вета Патарова истакна дека со огромна радост ја прифатиле поканата да бидат дел од хуманитарниот концерт на кој е имаат музичка точка со инструменталисти и хор.
Координаторот и професор по музичко образование на средните училишта „Никола Карев“ и „Димитар Влахов“, Ице Димитриев истакна дека учениците со нетрпение го чекаат 25 април и да покажат што знаат и што умеат. За нив уште поголем поттик е хуманиот карактер на концертот.
Свое музичко претставување ќе имаат и учениците од струмичката гимназија.
И вокално –инструменталниот состав „Стихири“ кој се формира како резултат на соработката за досегашните бадникарски концерти, ќе се претстави со македонска музика со црковни елементи и народни мотиви.
Репертоарот ќе го покаже богатството на македонската музика, а учениците ќе ја покажат својата виртуозност и умешност на сцената, велат од Фондацијата.
Концертот има хуманитарен карактер, па затоа средствата собрани од продажбата на билетите ќе бидат наменети за Елеуса Фондација.
Од денес картите по цена од 300 денари се пуштени во продажба на билетарницата во НУЦК „Антон Панов“.
-Очекуваме дека, онака како што ентузијастички се вклучија училиштата во оваа хумана мисија, така и публиката со задоволство ќе одговори за сите заедно да учествуваме во помагањето на над 1.000 семејства кои добиваат директна поддршка од нашата Фондација, додадоа оттаму.