Методиј П. Гогов апсолвент на теологија

                (Овој текст на подоцнежниот Архиепископ Охридски и Македонски г. г. Михаил е објавен во јуни 1936 г., кога тој сé уште бил студент на Теолошкиот факултет во Белград.)

 

ЗА ВИСТИНСКИОТ ПРОГРЕС

 

Длабоката и силна вера во семоќта на законитоста, во неизбежноста (нужноста) на законот за каузалитет, во тоталното робување и беспоговорната послушност кон целокупната стварност – е посед на огромното мнозинство на наши просечни интелектуалци – полуинтелектуалци. Поинаков поглед не е можно ни да се замисли кога се има предвид нивниот став кон она што се нарекува духовно, надматеријално и надзаконско. Ниту еден од нив и не претпоставува дека постои нешто што не е „од овој свет“, нешто што не може да се објасни и разбере со причините и законитоста кои владеат во светот на физичката даденост. Доколку е потребно со еден единствен збор да се етикетира типот на нашиот современ просечен интелектуалец, најпогоден збор, несомнено, би бил зборот: едностраност. Ова можеби е така затоа што денешниот човек се вплеткал и заплеткал во најразновидни многустраности и избезумувачки специјализации. Со тоа и парадоксот станува поупадлив и поочигледен: во време на најголема многустраност, во време, во кое топката на знаењето одеднаш неверојатно пораснала – човекот запаѓа во незамислива едностраност. Никогаш, до денес, не имало ваква едностраност, поголемо слепило за другата страна на стварноста; никогаш – поголем фанатизам отколку овој во кој запаѓа нашиот „модерен“, „напреден“, „слободоумен“, „нов“ човек. Најбезразумен верник – тоа е човекот на нашето време. Ова можеби звучи парадоксално кога се знае дека во нашето време разумот е издигнат на пиедестал на божество. Но, никој нама да може ова да го порекне кога ќе се воочи овој факт. Кој со поголема безрезервност и со толкава доза на доверба се фрлал во вртлогот на лудиот фанатичен бес за одбрана на нешто, што не го разбирал, што не го осмислил? Никој и никаде во ова не го надминал „слободоумниот“ човек на нашето време. Но, сепак, он е и најголем противник на верувањето, на верувањето и на верникот(ците) кои се надвор од неговиот круг, на верувањето – кое во било што се противи на неговата вера и на верникот(ците) – кои во било што се поразлични од него. Интересен е нивниот однос кон фактите кои им се укажуваат како директни напади на нивната вера. Тие не допуштаат ниту за момент тие да дојдат во центарот на нивното внимание, не сакаат да ги воочат, да ги објаснат и да изведат од нив природни консеквенции.

Веруваат во моќта на разумот, а не го примаат сето она што е разумно. Веруваат во емпиријата, во искуството, па сепак ни најмалку не се склони да ја признаат вистинитоста, емпиричноста на фактите доживеани во емпиријата, во искуството. Веруваат во закони, закони физички и психофизички, а кога им се укажуваат последиците, резултатите на оние исти закони кои тие ги признале, тие се во состојба на сето изнесено да нафрлаат мноштво на погрдности (навреди) и да дадат некое свое шаблонизирано толкување, кое дише со затегнатост и извештаченост.

И уште: веруваат во прогрес! Каков? На кој терен? Во што се состои и во што ќе се состои прогресот? Ова се прашања кои можат да им се упатат. Не е потребно долго да ги очекуваме одговорите на поставените прашања. Тие ги знаат на памет. Па, дури, и тие имаат свои катихизиси и свое кредо. На секое прашање следи и одговор: прашање – одговор, прашање – одговор итн. А, ако некаде случајно се појави застој, прашањето се отфрлува како неумесно сé додека нивните „учители“ не измудрат одговори. Тие на нашите прашања веднаш ќе ни дадат одговор: „На прогресот во човечкото општество му соодговара еволуцијата во природата. Прогресот ќе се појави на сите подрачја на економскиот, научниот и социјалниот живот“. Навистина, звучни фрази; но само фрази. Нам, пак, ни е потребна вистината, цела, неповредена. Само таквата и единствено вистинската вистина може да биде подлога, и енергија и патоказ за еден вистински прогрес, за прогресот кој ќе појде по еден природен пат во прогресувањето (напредувањето). И кога се ѕида куќа се почнува од темелот! Па, така, и прогресот и „економскиот“ и „научниот“ и „социјалниот“ треба да започне од телмелот; а темелот врз кој он почива и врз кој и во иднина ќе почива е човекот. Секој друг облик и начин на прогресирање (напредување) базиран врз нешто што не е вистинскиот, препороден човек – е најголем регрес; тоа е регрес затоа што, иако самиот по себе е блескав и засенлив – е наговестување на крахот кој доаѓа. За оваа вистина најречито ни раскажува историјата на големите народи, кои набрзо по егзалтацијата во блесокот на материјалниот прогрес и приврзаноста кон него – набрзо доаѓале (запаѓале) во најтотален регрес, онаков каков што бил и во човечката душа. И социјалното добро не може да се оствари без напор, без една исполинска борба со самиот себе, без борба со оние особини во себе кои се всушност и единствени причинители на сите несакани односи во човечкото општество и на сето она што е најпогодно тло за нив, што носи на себе регресивна боја.

За водењето борба на овој план ни малку не ни помагаат сите технички знаења, со кои денес човекот се служи во изградувањето на „сеопштиот“ прогрес. Верата во семоќта на законот на природата е најголемиот непријател на вистинскиот прогрес, на вистинското напредување и усовршување на луѓето. Занесен од оваа вера до фанатизам, човекот ги одврзал сите врски кои духовно го врзувале за една надземна, натприродна стварност. Останува сам, влегува во демонскиот пир на солипсизмот, во најразновидни видови на садизам и мазохизам. Оддалечен од реалноста, од која единствено се црпи смислата на животот и енергијата за делување во неа, човекот станува автомат, мртовец пред физичката смрт – човекот засекогаш заминува и ја напушта единствената најважна, најсвета и „единствено потребна“ работа – го напушта обработувањето на своето сопствено битие. Каква жалосна, кобна и ужасно неподнослива трагедија! Секој длабокомислен и секој искрен човек на денешницата отворено говори за неподносливоста и неиздржливоста токму на ваквата состојба во човечката душа, за неподносливоста на растројството и дисхармонијата внатре во самиот човек. Болеста, значи, е во најакутна фаза. Потребна е прва помош, потребно е лечење. Но, колку е мала свеста кај луѓето за тоа дека е потребно без одложување да се пристапи кон терапија на начин досега испробан и на милиони примери видливо испитан. Човекот, пак, чувствувајќи ја својата болест, бега од себе, се ангажира до самозаборав во работите кои далеку го водат од него самиот. Доколку не успее во ова фокусирање, подготвен е да дигне рака врз себе, да си го одземе себеси она што самиот не си го подарил.

Регресот е во најголемиот подем. Зарем реченото за заболениот човек не говори за тоа како е неможно на ваков темел да се гради зградата на прогресот, прогресот во вистинската смисла на зборот? Не може да постои вистински прогрес, како што веќе нагласивме заради тоа што човекот ги прекинал сите врски со оностраната реалност, со енергијата која е единствено во состојба да ги покрене сите негови успиени и снеможени латентни духовни моќи – да го оспособи да биде вистински деец врз сеопштата зграда на прогресот. Дури тогаш кога човекот ќе воспостави нормална врска со оваа централа на натприродна енергија, настанува фазата на подготовка за прогресот, настанува состојба на духовна активност: увидување на своите недостатоци и нивно корегирање според истакнатите примери низ вековите во личностите на милионите светители. Со воспоставувањето на оваа врска настанува неминовен катарзис на човекот од сите наслаги во животот, добиени со тек на време „по законот на гревот“. Без овој катарзис, без ова отсекување на сè она што не е во склад со образот Божји во човекот, не може ни да се замисли создавање, изградување, кристализирање на совршена личност. Никаде човекот толку гадно не се прелагал во техничкото изведување на своите планови, по пат на прилагодување на природните закони, како што е тоа случај со воздигањето и усовршувањето на својата личност. Тука се случило нешто сосема спротивно од она што е очекувано: настанала очајна борба, урнебесен судир. Се увидува дека сплетот на природните психички закони не е идеално и хармонично уедначен и дека не требало на нив да се препуштаме. Ако постои некаде превртеност (изопаченост), тогаш постои во човекот, оличено во неговото непрестајно тежнеење кон злото и гревот, оличено во „законот на гревот“, кој формирал своја сопствена логика и свој сопствен каузален ланец. Гревот станува втора човечка природа. Затоа нема да погрешиме ако кажеме дека човекот по својата природа, иако богообразна и богоподобна, не е совршено добар; напротив, тој во себе го вклучува злото и гревот најмногу од сите животни егзамплари на земјата, во него злото е концентрирано во најголема мера. Во што се огледува натрупаноста на злото во човекот? – во мноштвото најразновидни гревовни мисли, во мноштвото најразновидни и најспротивставени желби, во непрекидниот судир, исклучување и триење на разни облици на зло. Неминовно мора да се дојде на мисла дека е неопходно да се побара канал низ кој би можела да истече сета нечистотија и сета смрдеа од човечката душа.

Кој барем еднаш ја согледал длабочината на злото, кој барем еднаш ги слушал дисхармоничните и тешки акорди во концертот на расбеснатите страсти, тој можел да ја согледа сета рудиментираност, запрепастувачкиот хаос и страшната запустеност на човечката огревовена душа, тој би морал да ја согледа бескрајната сизифштина на целокупните човечки напори во творењето (создавањето), во прогресирањето (непредувањето).

Потребен е, неопходен е, еден единствен прогрес: прогресот од злото и гревот – во доброто и добродетелта, во доблеста; од хаотичното безредие на острастената душа – во космичката подреденост (уреденост) на светителското блаженство. Ова е она што во Евангелието се нарекува „единствено потребно“. Начелото на природноста, постапноста, и овде треба да ја најде својата примена. Неопходен е катарзис на душата по примерот на многубројните херои на духот, кои се изградиле себеси со силата на благодатта Божја и со личните напори станале благозвучни харфи на Светиот Дух. Практикувањето на христијанските доблести – е основа и есенција на вистинскиот прогрес. Изградената христијанска личност – е круна на сите прогресивни напори, а воедно и најсигурен темел за напредување и создавање во сите подрачја на научниот, уметничкиот и социалниот живот. Низ призмата на измиената душа со христијанска катарза, закрепната со благодатта, својата вистинска смисла ја добиваат и плодовите на модерната техника.