Страотната труба на апостолската поука, соопштувајќи, навистина, многу и различни правила на благочестие, особено избегнување од бездната на срамодејствието, како што приложува на крај и воениот пропис: „Бегајте од блудството! Секој грев, што го прави човекот, е надвор од телото, а блудникот греши против своето сопствено тело“ (1. Кор. 6, 18).

Ако имаш војна со неверието – спротистави се; ако непријателот те заплашува со подлост – против таков противник добра е заседата ; ако клеветата растегнува лак – се наложува борба лице во лице; ако те навредува блуден образ – подобро е да се завртиш грб и да избегнеш средба со него, зашто прељубодејството ги насочува своите стрели во очите.

Затоа е потребно да се памти заповедта на военоначалникот: „Бегајте од блудството!“. Блудството е таков порок, од кој треба да се бега повеќе, отколку од другите.

Вникни се со мене во специфичноста на апостолската поука: „Бегајте од блудството!“ Зошто? Затоа што секој грев што го прави човекот е надвор од неговото тело; меѓутоа, блудникот греши против сопственото тело.

Блудникот греши не како убиецот, кој убива туѓо тело, но своето го запазува; не како среброљубецот, кој штети на другиот, но себеси се пази; блудникот штети на самиот себеси – се прободува со стрелата на бесчестието!

Разбојникот решава да краде, за да го нахрани своето тело – блудникот, пак, се загрижува да ја ограби својата сопствена плот. Среброљубецот се разјадува од страст за корист – блудникот, пак, ја искористува чистотата на своето тело. Завидливиот страда од славата на друг – блудникот, пак, си готви сопствено бесславие.

Има ли нешто побесчесно од бремето на блудството? Секое ропство на гревот е бесславно, зашто го бесчести благородството на душата, но блудодејникот е најбеславниот роб на гревот!

 

Свети Григориј Ниски