Прашањето сега е дали Богословието е наука или не е наука. И, ако е, тогаш од кој вид наука е? Денес богословието е вброено помеѓу теоретските науки, но во денешна смисла на зборот „теоретски“, а не во светоотечка смисла на истиот термин.

Од светоотечки аспект богословието секако е теоретска наука, бидејќи се занимава со созерцанието[1], кое го прави човекот да биде богослов. Во светоотечкото предание зборот теорија значи гледање. Значи теорија има оној кој гледа. А богословски човек гледа на два начина:

Прво гледа преку внатрешната вера, односно преку умствената молитва, бидејќи умствената молитва е еден вид боговидение, при што човекот Го гледа Бога во смисла дека Го чувствува како се моли внатре во него. Тоа чувство се нарекува умствено чувство и е чист опит.

Ова умствено чувство е првиот степен на созерцанието. Вториот степен на созерцанието е обожувањето, кое што е боговидение, односно гледање на несоздадената Светлина, при што се укинува молитвата.

При созерцанието се исцелува умот на човекот. Значи, штом се работи за исцеление на болен, чиј ум не работи, тогаш тоа значи дека ова Предание не може да се смета како теоретска наука во денешна смисла на зборот „теоретска“, туку, напротив, тоа е чисто позитивна наука, барем колку што е позитивна наука психијатриската наука.

Она што е значајно да се забележи тука  е следново: додека психијатарот не знае точно секогаш од што страда неговиот пациент и не знае точно секогаш од што има потреба неговиот пациент за да се исцели, Православното богословие и терапевтика секогаш знае од што точно страда човекот и во што точно се состои неговата терапија.

Православното Богословие нема никаква врска со рационализмот ниту со  која било форма екстаза, ниту со медитацијата (јога и сл.). Чистењето на срцето е конкретен процес, кој нема врска со претходниве. Се работи за чистење на срцето од страстите, за да го најде човекот своето душевно здравје и тој процес е ист за сите луѓе.

 

При очистувањето од умот на човекот се изгонуваат не само лошите мисли, туку и добрите мисли. Тоа има многу големо значение. Кога умот на човекот ќе се очисти од сите мисли, од сите помисли и од страстите, само тогаш човекот може да го прими вселувањето на благодатта на Светиот Дух во своето срце. Значи тогаш доаѓа Светиот Дух и непрестано се моли во срцето на човекот.

Параболата за сејачот и семето е во суштината на учењето за начинот на стекнување на умствената молитва. Семето никнува и цвета. Цветањето е состојбата на просветлувањето, при кое умствената молитва на сметка на човекот непрестано ја врши Светиот Дух. Поголемо цветање можеме да кажеме дека е обожувањето.

 

Дали православието е религија или не е? Постојат многумина, помеѓу кои сум и јас, кои тврдиме дека Православието не е религија, затоа што религија е еднакво на суеверие. Религиозниот човек е суеверен, кој има одредени фантазии за Бога и кој суеверно прибегнува кон религијата или за помош, односно за да може да им одолее на тешкотиите во овој свет, или од страв од смртта, или поради сиромаштија или поради психолошка несигурност. Затоа гледаме и богати луѓе кои се религиозни. Религијата не е монопол само на сиромашните. Се разбира марксистите тоа не можат да го сфатат, бидејќи мислат дека штом ќе исчезне сиромаштијата и човекот се ослободи од стравот да не умре од глад, тогаш нема да има потреба од религија, односно таа ќе му биде бесполезна. Комунизмот ветува „зајаци со епитрахили“ доколку завладее како политички систем. Секако, како идеја комунизмот е убав, како општество на еднаквост. Меѓутоа во пракса не може да биде така. За да постои вистинска еднаквост, треба да претходи исцелувањето на човековата личност. Доколку таа не се исцели, тогаш кој бил идеолошки или политички систем, колку и да е совршен, не може да биде применет. Секогаш во тој систем ќе постојат луѓе кои го гледаат својот интерес и кои нема да бидат вистински идеолози, и така ќе го подјадуваат системот.


[1]Протопрезвитер Јован Романидис, Светоотечко богословие, Скопска православна епархија, 2013 г., стр. 99 – 101.

[2]Терминот Θεωρία означува созерцание. Тој термин се употребува за изразување на состојбата на боговидение. Затоа богословието е теоретска наука, но само во оваа, светоотечка смисла на терминот „теорија“ (Θεωρια). (заб. на прев.)