Во времето на Готите, нивниот крал по име Тотила слушнал дека светиот човек (станува збор за св. Бенедикт Нурсиски) е обдарен со дух на пророштво, па побрзал да се сретне со него во неговиот манастир. Недалеку оттаму, тој застанал за да го најави своето пристигнување. Додека од манастирот подготвено му пренеле дека може слободно да дојде, тој самиот, неискрен по дух каков што бил од секогаш, се осмелил да испита дали човекот Господов навистина бил украсен со дарот на пророштвото. Потоа, на еден од неговите благородници, наречен Риго, му дал да ја носи кралската одежда и го испратил да замине кај човекот Божји, претставувајќи се како крал наместо него. Тој одредил да биде придружуван од трите принца Вулт, Рудерик и Блидин, бидејќи постојано ги водел со себе, така што чекорејќи еден покрај друг, пред очите на слугата Божји да создадат впечаток дека го придружуваат вистинскиот крал Тотила. На ова тој додал и други почесни обележја, знамиња, како и бројни облеки во порфир, за овој целосно да наликува на вистинскиот крал.

Во моментот, додека споменатиот Риго влегувал во манастирот украсен во прекрасна облека и опкружен со сите почести на неговата придружба, човекот Божји мирно си седел на горниот кат од својот конак. Гледајќи како се приближува лажниот крал, и штом станало можно да биде чуен, со силен глас извикал: „Соблечи се, сине, соблечи го тоа што го носиш! Не е твое!“ Исплашен што се осмелил да си подигрува со ваков човек, Риго веднаш паднал на земја, а по него до земи се поклониле и сите други што беа дошле кај Божјиот човек. Потоа, кога станале, немале храброст да му пријдат на светиот маж, но молкум се вратиле кај својот крал и треперејќи му раскажале со каква брзина била разобличена нивната игра.

Свети Григориј Велики

Извадок од книгата „Дијалози – Повест за доблестите и чудата на Италските отци“