МЕТАМОРФОЗА

Се сеќаваш ли кога ме праша дали го видов пурпурното заспивање на сонцето?
Се сеќаваш ли кога се плашев од дождот?
Кога бегав од ветрот?
Се сеќаваш ли кога не го чувствував мирисот на маслинката во дворот?
Ти текнува ли на денот кога продаваа лубеници на улица,
а јас се смрзнував од студ?
А на онаа квечерина кога толку чисто се слушаше
стакленото тропкање на желбите?
Вечна му слава на копнежот!
Не земај ми го Боже повеќе
да не станам пак капка на дождот,
да не бидам одново здив на ветрот,
да не се претворам пак во лист на маслинка,
да не останам завек, за сечиј помнеж,
само пролетна качунка во дворот на заборавот.

Катерина Панов Кожаров