Во науката постои обемна литература за потеклото и појавата, ширењето и континуитетот на нивниот култ, при што  тој е оспоруван во редица историски истражувања. Но, нашата цел не е да ја истражуваме веродостојноста на струмичкиот култ и да правиме реконструкција на историските настани, туку да се обидеме да одговориме на прашањето зошто споменот и почитта кон нив се задржале до денешно време, односно да ги разоткриеме причините за нивната „популарна прослава“ (sola populi fama), особено ако се има предвид фактот што нивните свети мошти повеќе не се наоѓаат на местото каде што пострадале.

Во оваа насока ќе се повикаме на нивното Пространо житие од метафрастовски тип, напишано од Теофилакт Охридски (11 век), а познато по единствениот препис од 14 век кој се чува во библиотеката Бодлеана во Оксфордскиот универзитет, под сигнатура Baroccianus gr. 197 (ff. 589-621ͮ). Ова житие во кое се сочувани основните податоци за нивниот живот, мисионерската дејност и мачеништвото е и главниот извор за нашите истражувања насочени, пред сé, кон моментите поврзани со светоста и чудата на нивните посмртни останки, како и почитта кон нив од страна на верниците-поклоници.

Прескокнувајќи ги првите седумнаесет глави од Житието во кои детално се говори за св. Константин Велики и Никејскиот собор каде што учествувал епископот Теодор, како и за бегството на Тимотеј, Теодор, Комасиј (наречен и Етимасиј) и Евсевиј од Никеја во Солун, а потоа и во Струмица каде што Тимотеј станал епископ, анализата ќе ја започнеме со расказот од главата 18 во кој се говори за присоединувањето кон нив на останатите единаесет свештеномаченици: Еротеј, Даниил, Харитон – монаси, Петар, Јован, Сергиј, Теодор и Никифор – презвитери, Василиј и Тома – ѓакони и Сократ – војник, презвитер.

На ова место, освен што е наведено дека сите жители на Струмица ги просветиле со „светлината на познанието“, експлицитно е нагласена и нивната светост уште за време на земскиот живот преку дарбата за чудотворни исцеленија, и тоа не само на душевните туку и на телесните болести на верниците: „Откако… им ги исцелиле нивните душевни слабости, тие не ги оставиле неисцелени ни оние кои боледувале од телесни болки“.

Способноста за чудотворните исцеленија е една од основните причини прославата на свештеномачениците да излезе надвор од локалните рамки и да стане дел од поголем регионално-религиозен дискурс за што, всушност, нè известува и самиот Теофилакт, во почетокот од следната 19. глава: „По некое време веста за нив прелетала со брз полет и преминала на секоја страна, па се говорело многу за нив во Солун“.

Одлуката на јулијановите началници – префекти Валент и Филип лично да допатуваат во Тивериопол за да го спроведат јавното судење на свештеномачениците пред многубројниот народ е уште една потврда за нивната голема почит и популарност, но и за нивната способност да го надвладеат дури и земскиот владетел  –  императорот. Пропуштајќи ги расказите со судењето од кои станува јасно дека светителите биле цврсто решени по слободна волја да станат маченици отколку апостати, ќе се задржиме на сцената по храбрата одбрана на презвитерот Петар од глава 24.

Имено, со своите зборови за пофалба на нивното дело, тој го навлекол гневот на началниците кои заповедале сурово да биде измачуван: да го соблечат, да го легнат на земја, да го удираат со стапови, да му ги отсечат рацете и на крајот да го убијат со меч.

Откако свештеномаченичкото тело било умртвено, а рацете му биле фрлени за да ги изедат кучињата, едната негова рака се зачувала на чудесен начин. Теофилакт запишал дека десната рака на преподобниот Петар случајно паднала пред нозете на некоја слепа жена од раѓање, која ја сокрила завиткувајќи ја во шамија и ја однела дома. Таа ја целивала, ја прегрнувала и ја полагала на очите по што се случило чудо – прогледала за прв пат.

Овој момент е многу значаен бидејќи преку првото чудесно исцеление со десната рака на презвитерот Петар, свештеномачениците се објавуваат за свети и по нивната смрт. Всушност, светоста на мачениците била обзнаена и преку нивните тела кои по маченичката смрт на 28 ноември ст.ст., како што е запишано во глава 25,  многу денови лежеле расфрлени, со цел да бидат изедени од кучиња, ѕверови и птици.

Сепак, тие на чудесен начин останале цели, нераспаднати и неповредени што било доказ дека свештеномачениците се спасиле телесно (σωματικïς), т.е. божествените благодатни сили или енергии проникнале низ нивните тела, односно мошти. Теофилакт забележал дека „оние коишто ги гледале се восхитувале на Христа Бога“ или со други зборови кажано, нераспадливоста на посмртните останки била толкувана како натприродна состојба, како знак за дејство на Божјата благодат, односно како сигурен знак за нивната светост.

Откако јулијановите началници се вратиле во Солун, чесните тела на мачениците ги погребале според христијанските обичаи во одделен ковчег на кој било напишано името на секој  од нив. Во наредната глава се споменува дека безбројни биле чудата кои се случувале над нивните земски остатоци – светите мошти: „мачениците, бидејќи неограничени по силата на Христа, чинеле чудеса изобилно не само на месните жители туку веќе ги распространувале надвор од границите.

Зашто сите што биле обеспокојувани од демони и измачувани од други телесни слабости, кога пристапувале до ковчезите на светиите веднаш добивале исцеление, така што мнозина од Елините, водени од тие чудеса, ја познале вистината, пристапувале кон верата Христова и примале Божествено крштение, и на тој начин ниту во Тивериопол ниту во околината не останал ниту еден безбожник“.

А, нивниот култ толку многу пораснал што Тивериопол станал познато место за поклонички патувања и привлекувал голем број на верници, не само од неговата околина туку и од другите градови кои се простирале на запад од неговата територија. Всушност, како што констатираат Б. Алексова и В. Ѓоргиев Ликин, Струмица израснала во град на мартирите и се издигнала во мартириополис.

Ели Луческа- Институт за старословенска култура Прилеп