Во декември минатата година во салонот на Метаноја, струмичкиот академски уметник Никола Пијанманов ја отвори својата изложба „Пасија- смртта умира“. Повод за разговор во Тивериопол.мк

1.Зошто Пасија или ја дознавме ли вистината дека смртта умира, а не човекот, односно дека таа е почетокот?

-Пасија, затоа што страдањето во светот е искупување на талозите од гревови и искуства, толку слоевито наталожени од раѓање до смрт, па дури и од предците. Достоевски го отвори прашањето на „гревовите по татко“, или страдање заради татковите гревови. Во Браќата Карамазови ја следиме токму таа трагедија. Нешто и некој мора да го прекине тој круг на омраза, одмазда и страдање на невиниот. Ние се искупуваме и за нив, за живите, но и за мртвите, затоа што во Христос нема мртви. Сè е предодредено да биде спасено! Осилото на смртта е гревот, или смртта е неуспешна спојка со светлината, со Вечноста. Смртта е вечен заборав, а Христос е сеќавање на сè и секој! Се обидов да направам порта, портал од сцените на Страданијата или „Пасија“, портал кој ќе не однесе преку световната нужност – ропство отаде земното и распадливото. Во сликите од оваа изложба фигурите треперат во огромниот простор кој се отвора како бесконечност, не само како мизансцен на една претстава. Едно кокиче изникнува пробивајќи ја смрзнатата земја.

2.Во рецензијата на вашите дела, отец Климент од Зрзе ќе напише Пасијата станува интимна драма: не драма на толпата, не драма на болот, графичко насилство, не филм со мноштво улоги. Бог на темните ноќи на душата, Богородица како архетип на верниците – сама со Христос. Колку оваа средба, можеме да ја видиме во делата на уметникот. Привилегија, талант…

-Тоа што отец Климент го запиша за оваа изложба е подлабоко и од самите мои размисли, за она кое јас го работам. Уметникот не секогаш е свесен што точно насликал, тој е повеќе како пророците во пустините чие значење се открива многу покасно, во сосема други контексти од времето во кое живееле. Затоа е голема радост кога еден текст созерцува со сликите, не ги опишува, туку ги одгатнува, не ги подредува и класифицира по методите на историјата на уметност, туку одново ги слика, ги скенира по вертикален пат. Средбата е радоста на творечкиот чин. Творештвото е духовен пат кој може да произведе и материјализира врвни естетски дела. Преку делата, ако доживеат материјализација (затоа што постојат и врвни уметнички творештва кои не стигнале до своја реализација) публиката ја дели таа радост или средба со светот на уметникот. Но тој пат знае да биде и страдален, полн искушенија и предизвици затоа што се одвива во време и простор. Затоа и уметноста е подложна на распаѓање. Постои еден скриен таинствен мотив или идеја, која го води творецот до материјализација на неговиот духовен свет, до уметничко дело. Тој „мотив“ или ако сакате наречете го инспирација, вдахновение е суштината. Сè друго е симбол. Културен производ.

3.Колку дела содржи поставката и во колкав временски период се сликани?

-Оваа поставка содржи триесетина слики работени речиси една деценија, но конечно компонирани во една целина благодарение на чудесниот простор на галеријата Метаноја во Скопје, која наликува на таинствена катакомба или храм под земја, во која се е складно и подредено во совршен архитектонски распоред. Секое дело поставено во таа галерија си има свое место и значење. А тоа се случува многу, многу, ретко во нашите изложбени јавни простори. Домаќините на галеријата Коста и Нада Милкови се тие кои целосно овозможија овие слики да ја добијат својата неразделна целина, смисла, како фрески кои се вратиле во својот храм, како совршен дијалог помеѓу просторот и ликовното дело. Некои од сликите беа работени според димензиите на просторот, за најпрецизна заокруженост на композициската целина. Самото тоа што изложбата трае пет месеци, ми покажува дека е таа нешто повеќе од класична ликовна поставка, времен перформанс. Оваа изложба за мене претставува исповед, катарза на мојата дваесет годишна преокупација во ателјето.

4.Освен ликовниот потег како линија, несомнено доминантно сликарски букви во вашиот ликовен наратив се боите. Колоритот, кој и  вашите рецезенти го поврзуваат со најважниот сегмент од Исусовиот живот, послушанието… (простата понизна, дисциплинирана, предана посветеност на сликарската техника раскажува за најважниот сегмент на Исусовиот живот со егзактност која е уште повеќе засилена со уметничката креативност. – Коста Милков декември 2020). Послушанието, е имаменено на, она што нашиот свет владика Наум го нарекува обожување на човековата личност. Се трудите ли тој архетип-Бог-човек, да го доловите или претставите во вашиот поглед на Исус?

-Јас го сликам човекот кој се расправа со Бог. Не само послушанието… Лазар кој трепери пред воскресението. Јов кој е на ТИ со Бог и кој слободно ги кажува своите аргументи не плашејќи се од последиците. Јован Крстителот кој вика во пустината – „Ако така сакал, Бог може и овие камења да ги направи аврамови деца“. Марија Магдалена во агонија, апостолите кои први побегнаа од распетието и жените мироносици кои останаа до крај! Јуда кој го покрива лицето од очајниот крик на невозможноста за покајание. Боготражението е творечки процес, тотална искреност и оган преку кој согорува стариот човек. И бунтот и ревноста се божји пат ако се насочени против поредокот земен и царството на ќесарот. Што не значи дека тој бунт не може да биде и тишината. Не молкот, туку тишината. Активното неучество, не пасивната рамнодушност. Во Големиот инквизитор кај Достоевски, Христос е целиот потонат во тишина додека инквизиторот непрестано зборува, зборува, поставува теории, ги руши, проколнува и прави планови за светскиот поредок. Еден вид полуден Понтиј Пилат, надограден. Вистински политичар налик на оние нашите (се разбира не по ум). Тој Христос го сликам јас. Според мене фарисејството е најопасното нешто од сите нешта! Тоа се нели, оние кои самите не можат да влезат во Царството небесно, па стојат на патот на другите, за никој да не може да влезе.

5.Ние, мислам на човештво, обожуваме луѓе, градиме култови. Се плашиме ли самите да се обожиме? Не се плашиме од мракот или пак се плашиме да не нè заслепи светлината?

-Најопасниот роб е добро угоениот и нахранет роб. Не робот кој страда. Берѓаев тоа го запишал во времиња на изгубени илузии од успешното конвертирање на еден систем во друг, монархија во социјализам, па тоталитаризам, ние сведочевме преобразба на социјализам во некоја франкештајновска демократија, но и тогаш и сега, феноменот со робовите е непроменета приказна, а така и ќе биде засекогаш во царството на ќесарот. Во сите можни човечки мравијалници и уредувања. Слободата на човекот е можеби и повеќе загрозена во нетоталитарните општества, таканаречени леберални демократии, затоа што таму ве убиваат на делови, парче по парче, на рати, со камата. Ве распнуваат во ситници и вие не можете да го доживеете главното Распетие, она за кое сте родени и заради кое постоите. Главното орудие на денешниот свет е да ви ја одземе смислата на постоењето. А да се живее без Смисла е како да не се живее. Животот без смисла и светлина е живот на зомби, на полумртовец. Мислам дека е обратно, се плашиме од светлината оти го засакавме мракот и повеќе не можеме без него. Темнината нуди сигурност на мигновеноста и минливоста, стандарт и среќичка. Темнината ги покрива привидно грешките и гревовите. За малку среќа човекот е спремен да ја предаде својата животна мисија. Слободата е тешка работа и таа бара постојана пожртвуваност. Видете ја состојбата во културата, уметноста на глобално ниво. Слободата на изразот и креативноста се дар на личноста и посебноста, а ние сме осудени да ги гледаме само плодовите од творештвата на големите нации, големи корпорации, Унии, движења, секти, проекти… Суптилна цензура на индивидуалните слободи на уметникот. Канонот на Соц. реалзимот се замени со Артизмот на шокот и брзиот перформанс.

6.И во вашите претходни изложби, христијанството е лајтмотив во многу твои ликовни дела. И повторно на ум ми доаѓа зборот предизвик, храброст да се наслика нешто надумно, нешто недофатливо за човековата логика, а од друга страна, нешто едноставно и чисто, љубовно. Зошто не е драмата во ликот, во телото, во претставување на „историски настани“ туку пресликувањето на драмата внатре во душата, или поточно во срцето како Божествен престол.

-Затоа што сè се пресликува едно во друго. Пејзажот во човекот, човекот во пејзажот, небото во цветот, листот во коренот на дрвото. Сè е едно и ништо не може да биде разделено. Вистинската драма се случува во човечкото срце. Сите сме активни учесници во книгата на животот. Не сакам да поминам како статист низ тие случувања. Јас животот на Христос не го доживувам како историски настан или како илустративен и наративен филм на Зафирели. Туку како сегашност. Сè се одвива сега и тука. Оттаму произлегува истата жед за претставувањето на Христовиот живот, страдања и воскресение, пред петнаесет, десет векови и денеска. Јас живо комуницирам со фреските и иконите на нашите предци сликари, зографи. Ги осеќам како современици. Затоа што уметноста која ја допира вечноста е секогаш современа.

7.Не знаеме дали се или кога ќе дојдат последните времиња, но можеби се ова крајни времиња за спас на човештвото. Морален пад, еколошки закани и катастрофи. Вашиот активизам не завршува само со четката и палетата туку и со ваше вклучување во општествените збиднувања. Со глава низ ѕид или јодлирање со јавноста и заедницата?

-Самиот творечки чин е врвен активизам. Фреските на Микеланџело се поголема револуција од воените освојувањана на папата Јулие II. Скулптурите на Мештровиќ, темните слики на Гоја, Герника на Пикасо, романите на Андриќ, поезијата на Пастернак, се поголеми историски потреси од социјалните бури на државите во кои живееле, престојувале и твореле. Пејзажите на Ван Гог се револуционерен чин, рамен на Француската револуција, само што, сликарството на Винсент ги надживеа идеалите на сите воени и социјални револуции. Хамлет не може да се помири со корупцијата и длабоката смрдеа во неговото кралство. Тој е сведок на неправична смрт и одвратна алчност по власт и среброљубие. Ги живееме времињата на Хамлет. (Шекспир). Истата драма пак се одигрува пред нас. Откако ќе го видите духот на таткото (идеалот), и сеништата на вашите предци кои крв давале за слободата и интегритетот на личноста, не можете туку така да премолчите и да поминете со наведната глава. Самото постоење на уметникот треба да биде револуционерен чин, темпирана бомба за светот на лагата и хипокризијата.

8.Кога „Пасија“ ќе стигне во Струмица?

-Можеби кога ќе биде отворена новата градска галерија и кога на позициите на културните јавни институции ќе застанат луѓе од фелата, од уметноста и културниот активизам. Во моментот одиме само по надолна линија. Интегритетот на културните установи во градот е толку заразен со партиските кадри, што мислам дека овие институции се на пат да се самоукинат. И тоа е онаа инфекција од која стравувам повеќе и од самата ковид пандемија.