Подготовката за често причестување, природно го претпоставува севкупниот живот на христијанинот. Тоа не е подготовка од само неколку денови. Вистинскиот христијанин е должен секогаш да живее со волјата Божја, како со свој водич. Компас на неговиот живот е Словото Божјо, онака како што е изразено во Светото Писмо, и како што го толкува православната христијанска Црква. Верниот христијанин ја проучува речта Божја, за секогаш да знае што е Божја волја, и тој настојува својот живот секогаш да го ускладува со неа. Неговите зборови, неговите дела и неговите мисли, треба да бидат вдахновени со православното христијанско учење за животот.

Тој треба да размислува за православните христијански догми, да верува во нив, и да настојува да живее православно христијански. Православната вера е и точно правило на верата во Бога, точно правило на животот и дејствувањето. Христијанскиот живот е живот на напори и трудење за да се живее вистината на православната христијанска вера. Тоа е живот на молитвата, живот на често учествување во богослуженијата и во Светите Тајни, живот со црковна свест и совест во напорниот подвиг на борбата против гревот, и во аскетскиот труд за да се применат заповедите Божји. Тоа е, значи, живот на љубовта, добротата, трпеливоста, воздржливоста, чистотата, самоконтролата и секојдневното себеиспитување и осветување.

Христијанинот, кој настојува добродетелно да живее според Бога и искрено војува во духовната борба, треба и може да се причестува често, за да се крепи во своето духовно подвижништво и за да ја осветува својата душа. Таквиот христијанин има свој духовник, се исповеда од време на време (а во себе постојано), тогаш кога поради нешто чувствува грижа на совеста. Него апсолутно ништо не го спречува често да се причестува. Единствено смртниот грев и непокајаноста се препрека на човекот за да се причестува со пречистите Тајни.

Христијанинот кој внимава на својот живот и живее во постојано покајание, треба и може да се причестува многу, многу често, што е можно почесто, а ако е можно секоја недела и на секоја Литургија.

Митрополит Пирејски Калиник