Покајниот Канон на свети Андреј Критски

(Се чита на Великото повечерие во првите четири дена од Светата Четириесетница и на утрената богослужба во четвртокот од петтата седмица од Великиот пост)

Да се ​​биде вистински христијанин, значи да бидеш доживотен покајник, значи и тоа да ги имаш пред твоите очи многуте свои гревови, и постојано, без никаков прекин, да чувствуваш покајаничко расположение. Уште пред да стане христијанин, човекот на ова е повикан. „Покајте се и верувајте во Евангелието!“ – рекол Господ на почетокот на Својата проповед и на тој начин го покажал патот по кој треба да се чекори за да се стане Христов следбеник. Преку покајание! Покајанието е бунт на човекот против самиот себе. Тоа е бунт против стариот човек, против човекот, потопен во грев и страст, кој е оддалечен од Бога. Секој грев нè одвраќа од Бога, а човекот, кој преобилно е исполнет со нив, е залутан во далечна земја каде лицето на Бога е невозможно да се види.

Според светиот апостол Павле, за да може таквиот човек да стане „нова твар“, најпрво ќе мора да дојде при себе, слично како блудниот син од Евангелието. Одреденото време од Бога за будење од гревовниот летаргичен сон, несомнено е Великиот пост – Светата Четириесетница. Во тоа време, сè го придвижува човекот кон покајание, сè укажува на неговите гревови. Секоја песна, секоја стихира, секоја молитва, секој збор што може да се слушне во Црквата, но пред сè и над сè, тоа е боговдахновениот и ненадминат Голем Канон на светиот отец наш Андреј Критски. Во него е скриено непрегледно море од покајнички солзи и воздишки. Не постои човек кој нема да се пронајде во Големиот Канон, бидејќи Канонот, всушност, е лична исповед на секој православен христијанин.

Покајниот Канон, како што е речено во неговиот синаксар, ако се чита и пее со скрушено срце и со големо внимание, е доволен за да ја омекне и да ја поттикне на будност и најтврдокорната душа. Како таков, тој ја претставува божествената сила на спасението. А кога е во комбинација со постот – тој е чудотворен како што е преобразувачката сила на просветувањето и обожувањето.

Преку боговдахновена уста на Свети Андреј Критски, од секој тропар на неговиот Голем Покаен Канон, како ехо одекнува пораката на Апостолот: „Стани ти кој спиеш, воскресни од мртвите, и Христос ќе те просветли.“ (Ефес. 5, 14).

„…Од срце повикав кон Штедриот Бог, и Тој ме слушна од мојот најдолен ад, и од погибел го изведе животот мој.

Солзи од очите мои и воздишки од длабочината моја најчисто Ти принесувам, Спасителу! А срцето мое повикува: Боже, Ти згрешив, очисти ме!

Господи, утврди го моето расколебано срце врз цврстиот камен од Твоите заповеди, зашто Ти си единствениот Кој има светост.

Мојот извор на животот е во Тебе – Победителот на смртта! Затоа, пред крајот, од сè срце Ти повикувам: Згрешив, осчисти ме и спаси ме!

Биди будна, душо моја, и како некогаш големиот патријарх Јаков, бори се за да стекнеш дела со разум, за да бидеш ум кој Бога Го гледа, па да го достигнеш незалезниот самрак на божественото созерцание…“