Климент, се чини, ја имал предвид и педагогијата на својот познат истоименик, ранохристијанскиот учител од Александрија (Египет) од вториот век, свети Климент Александриски. Во Александриското училиште, со кое раководел Климент Александриски, како и во училиштето на свети Климент Охридски, на млади и возрасни им се предавала христијанската наука на два курса. И нашиот прв учител, како и св. Климент Александриски, верата ја поставил во основата на тогашното научно знаење, а божественото откровение – во темелот на човечката мудрост. Не постои јасен и цврст светоглед без вистинско познание на Бога, а негов највисок степен е токму христијанството. И едниот, и другиот, високо го ценеле образованието, го сметале за сила на христијанскиот живот, за евангелска заповед, која Исус Христос ја изразил со зборовите: „Испитувајте го Писмото“.

И двајцата Климентовци имале за цел да ја направат заедничката вера – општо достоинство, но сепак, постои разлика помеѓу овие извонредни и вдахновени христијански учители. Климент Александриски, под влијание на грчката философија, се вовлекол во разумно расудување, во религиозен интелектуализам, развиен до крајност од неговиот генијален ученик Ориген. Тој почнал да верува дека знаењето, самото по себе, е морално совршенство, дека христијанскиот гностик, односно упатениот и образован христијанин, е, или нужно ќе биде, и духовно совршен. Св. Климент Охридски, пак, не отстапил од апостолскиот гносеолошки-естетски принцип: преку верата ја познаваме вселената, но верата без добри дела е мртва. Тој го отфрлил крајниот александриски теоретизам, многу вешто комбинирајќи ги христијанското умозрение и моралната практика со применетото христијанство, што било тренд и цврста насока која особено преовладувала во древната римска христијанска црква. Со други зборови, свети Климент Охридски бил убеден дека евангелската светлина е божествена светлина, која треба да се пренесува не апстрактно (одвлечено), туку во сооднос со психофизичкото битие на човекот, да се пренесува на тој начин што не само да ги отвора духовните очи или да го зајакнува нашиот духовен вид, туку пред сè да го облагородува срцето, да го направи човекот поразумен господар на природата, кој ќе биде вреден и вдахновен градител на Царството Божјо.

Како христијански општественик, во вистинската смисла на зборот, Климент не бил обичен пустиник, но сепак, тој живеел во општеството како аскет и подвижник. Старото житие на свети Наум Охридски јасно укажува дека Климент, и неговиот другар Наум, во текот на целиот живот се украсувале со девствена чистота, биле примери за воздржание и постојаност. Длабоко убеден дека духот создава, а телото мора да му биде послушно на духот, Климент будно бдеел над себеси и не се приврзувал кон земните блага, со кои доброволно го обдарувале владетелите и болјарите, не се стремел кон моќ и слава, туѓи му биле зависта и омразата; тој го сметал имотот за Божји дар, одреден за сиромашните. И постојано се раздавал себеси: своето духовно и материјално богатство великодушно им го делел на ближните.

Според неговиот животописец, Климент бил татко на сираците, помошник на вдовиците, а вратите на неговиот дом биле секогаш отворени за сиромашните и туѓинците. Пред смртта, сиот свој имот и книгите ги оставил во завештание на својата епископија и на својот манастир во Охрид. Климент бил кроток и скромен, неговото срце било извор на милост и сочувство. Општо кажано, тој бил верен образ на евангелскиот пастир. Од љубов кон ближниот, Климент, пред сè со моќта на молитвата, се предал на исцелување и на телесната немоќ, поради што уште додека бил жив, го сметале за чудотворен исцелител.

Професор Иван Снегаров