Учете се на молитвата. Принудувајте се на неа. На почетокот тоа ќе ви биде тешко,но колку повеќе се присилувате, толку таа станува полесна. Што е молитвата? Тоа е насоченост на срцето и умот кон Бог; тоа е гледање на Семоќниот, Седобриот и Семудриот. Молитвата е разговор на созданието со Творецот, во полна ставопочит, а при голема свесност за својата слабост и ништожност, со најдлабоко покајание насрцето и цврста одлука дека ќе се смениме; со доверба во семоќната Божја помош.

Ако се молите со помош на Молитвеникот, тогаш не брзајте, туку трудете се секој збор да го кажете искрено. Вашето срце повремено ќе се спротивставува, ќе биде ладно, понекогаш многу ќе се возбуди или оддалечи. Срцето морате да го зауздувате и собрано да го вртите кон Бог. Упатете Му на Господ и сопствени зборови во молитвата. Нашето сопствено пелтечење особено Го радува. Само со малку наши срдечно изговорени зборови, ние се насладуваме со блаженството повеќе отколку со помош на туѓа молитва.

Одлучувачка е близината на срцето до Бог. Дајте Му го вашето срце кое искрено Го љуби, и ќе го почувствувате блаженството на таа вистинска и чиста љубов. Бог вели: „Сине, дај ми го твоето срце“, бидејќи срцето е нашата основа, да, самиот човек. Кој не се моли од (во) срце, тој воопшто не се моли.

Кај молитвата сѐ зависи од искреноста. Срцето мора огнено да копнее за она што моли. Моли се верно и цврсто. Изнеси ги своите потреби јасно, свесно и со сето срце. Верувај, непоколебливо, дека Господ бдее над тебе, дека Небесниот Отец проникнува во сите движења на твоето битие. Внимателната, искрена молитва ве соединува со Бог и ве исполнува со Неговите дарови – вистината, мирот и радоста, смирението и љубовта. За време на молитвата треба цврсто да се верува во нејзината сила; треба да се има доверба во тоа дека исполнувањето на молбата е како сенката која го следи нашето тело.

Кај Бог зборот е еднаков на делото. Како што фрлениот камен сигурно паѓа на земја, така зборовите на верната молитва стигнуваат кај Него. Господ ќе ги исполни сите зборови од нашата молитва, само ако произлегуваат од срцето. Мораш ли рано наутро да одиш на работа? Тогаш стани
порано и моли се ревносно и ќе добиеш мир, сила и сигурен успех. Дали навечер си изморен и сакаш што побрзо да си легнеш? Сепак, одвој време и помоли се од срце – ќе спиеш спокојно. Ти поминуваат мисли за секојдневните задачи – потруди се да ја собереш молитвата, навикни се на мирот во Бога и сѐ што ти е на срце ќе успее.

Свети Јован Кронштатски