Свети Исак Сириски

 МИСЛИ

Кој во секој момент ја надгледува својата душа, неговото срце се весели на откритијата. Кој погледот на својот разум го сосредоточува во самиот себе, тој ја гледа духовната зора.

Духовното гледање е чувствување на божествените Тајни, кои се скриени во созданијата и нивните причини.

Секоја твар обично тежи кон слична на себе. И душата која содржи скриена духовна сила, пламено ја привлекува нивната содржина.

Потребно е секогаш да се имаат на ум оние кои нè надминуваат во доблеста, за така да ги согледаме своите недостатоци и да најдеме мерка против нив.

Не постои грев кој не може да се прости освен непокајаниот грев.

Мерката е украс на секоја твар. Без мерка се преобразува во штета и она што за тварта се смета дека е многу убаво.

Немоќните и огорчените во срцето помагај ги со збор и со сите средства кои ти се при рака; па на тебе ќе ти помогне седржителната Десница.

Не ја искушувај својата душа со непотребни помисли или со гледање на лица кои те воведуваат во искушение, дури ни тогаш кога мислиш дека нема да бидеш победен од нив; бидејќи и мудреците на таков начин се лажеле и паѓале во заблуда. Нема да го сокриеш пламенот (на похотта) во пазувите свои без голема мака на (во) телото свое.

Душевната чистота е во просветување со божестевните вистини, во активното практикување на доблестите.

Срцето ја достигнува чистотата со посредство на многу маки и страдања, со оддалечување од општењето со сето она што е суетно во светот.

Кој сака да го исчисти своето срце постојано нека се грижи да Го има Бога во паметта.

Љубовта кон братот свој немој да ја заменуваш со љубов кон материјалните добра, бидејќи братот твој Го носи во себе Оној Кој е помил од сè.

Напушти го малото за да го најдеш големото. Презри го одвишното и она што има мала вредност, за да го добиеш она што има голема вредност.

Немој да се откажуваш од тешкотиите, бидејќи преку нив го добиваш она што е достојно за почитување.

Доколку си чист – во тебе е небото… Богатството на смирениот е во него самиот.

Кој самиот себе се смета за премудар, тој отпаѓа од Премудроста Божја. Колку јазикот се воздржува од многу говорливост, толку умот се изострува во разликување на мислите; а со многу говорливост се доведува во забуна и умот кој најдобро пресудува.

Подобро е да загине телесното заедно со телото, отколку да претрпи штета било што душевно.

Секоја твар си има свој ред и секој начин на живот свое време.

Крстот е – волја подготвена на секоја мака.

Силен е оној кој добро се чувствува во привремените маки, во кои е скриен животот и славата на неговата победа.

Паметен е оној кој ги сфатил границите на земниот живот. Тогаш тој може да постави граници на своето битисување. Бидејќи какво е знаењето и какво е разбирањето на повеќе од тоа – да се домисли човекот да излезе од овој живот нерасипан во душата и неосквернет од желбите.