Одбрана од фантазирање

 

Секое искушение се приближува во вид на несакани мисли и претстави, кои како „фантазии“ продираат во нашата совест. Ние ги примаме, им посветуваме внимание, им се подаваме, па дури и започнуваме да им се покоруваме. Меѓутоа, нашата главна задача, а тоа е заедницата со Бога и посветеноста на нашето спасение, неволно ја забораваме. Ние сме толку слаби, расеани и невнимателни, што секое мало ветре од таквите фантазии, лесно нè повлекува во својот виор. Од утро до вечер се врткаме неодредено и затоа постојано грешиме. Што треба да направиме за да се ослободиме од оваа несомнено опасна состојба?

Најпрво е виновно нашето недоволно сознание дека токму фантазијата нè наведува кон страстите, како и тоа дека ни недостигаат доволно расположение и моќ за да се бориме против нив и да ги победуваме. Затоа, за нас е неопходно познавањето на сите душевни движења, како и средствата за нивно отстранување во таа невидлива борба.

Најсигурна и најуспешна ќе ни биде борбата доколку, при првиот налет на фантазирањата, веднаш, како со удар од меч, ги отстраниме и одсечеме. Кој ќе се спротивстави на нивниот прв налет, со еден удар ги одбил сите понатамошни движења. Ако си пропуштил да го одбиеш првиот налет, ако си го прифатил поттикот и ако непријателот со тоа кај тебе ги покренал и возбудил страсните движења, тогаш, потруди се веднаш да му спротивставиш добри мисли. Ако, пак, си се согласил ваквите помисли да ги негуваш и да им се покоруваш, тогаш можат да ти помогнат само уште брзото покајание и молитвата. Но, ако веќе си совладан од фантазиите, па тие против твојата волја го влечат твојот ум кон лоши помисли и ти ја возбудуваат душата, тогаш се потребни силни напори и Божја помош за твое избавување. Преку навиката страста станува втора природа, па ти си принуден без никаков отпор да ја следиш. Овде е потребна цврста и упорна борба, како и особена помош на благодатта, за да се воздржиш од запаѓање во грев (спореди, преп. Јован Лествичник „Лествица“ 15, 75). Но, пред сè, никогаш немој да пропуштиш, при упорно наметливите помисли, во твојата лична молитва да ја повикаш Божјата помош. Никој залудно на Него не се моли.

Непријателот треба да се прогонува сè додека не се искорени и последната трага на неговото влијание. Секоја мисла која ќе остане во срцето како злобно семе ќе донесе и злобен плод.

Ако сакаш да им се спротивставиш на фантазиите, насочи го целото свое внимание кон Бога, а својот ум постави го во срцето, па да го надгледува твоето срце и да ги одбива сите помисли при нивната силна навала. Сепак, немој да вообразуваш дека со сопствена сила ќе излезеш на крај со нив, зашто тие се полукави од тебе. Тие, честопати се прикажуваат како победени, па затоа можат со сигурност да те турнат во твојата гордост. Само против името Христово и против твоите топли молитви, тие ниту за миг ќе можат да се одржат. Умно-срдечната молитва го гори пакосникот како со оган. Тој ќе се обиде да ти ја прикаже оваа молитва како бесмислена. Но, ако ти и понатаму останеш во нејзината сила, тогаш таа ќе ти помогне да ги совладаш фантазирањата. Човекот ќе мора да ги прозре при нивното прво појавување и веднаш на нив да им се налути, а потоа со сета сила да ја продолжи молитвата. Пред силата на молитвата тие ја губат својата моќ и исчезнуваат како чадот што исчезнува на ветрот.