Познатите зборови Христови упатени до Свети Силуан: „Чувајте го својот ум во пеколот и не очајувајте“ се плод на духовното искуство на еден подвижник, како што е Свети Силуан; како што беше и отец Софрониј – и ние, од наша страна, мора да се стремиме да бидеме како нив.

Суштината е во свесноста за нашиот грев, за нашата слабост, за оддалеченоста од Бога и соочувањето со Неговата бесконечна љубов. Секој христијанин мора да го стекне ова искуство, без оглед на неговата духовна состојба и ниво. Не можеме и не треба да ги копираме животите на светите подвижници, но нашето лично искуство мора секогаш да биде аналогно, имитирајќи го нивниот подвиг. Отец Софрониј беше еден од најдобритe сведоци за тоа…

Кога искуството за познавање на Бога во нашиот земен живот е исто толку богато како искуството на старецот Силуан или отецот Софрониј, тогаш тоа искуство добива вечна вредност, како и да е опишана – дали со едноставни зборови или со академски и теолошки термини …

Монахот, пустиникот во пустината, не е одвоен од светот. По многу размислување, сфаќаме дека онтолошки сме поврзани во гревот со целото човештво. Кога светец како старецот Силуан или отец Софрониј го добива дарот да го истражува океанот на својата грешност пред милоста Божја, тој нема друг избор освен да се сврти кон Бога – но и кон целиот свет, бидејќи е поврзан со овој свет …

Сведоштвото на свети Софрониј е важно бидејќи пред сè е искуство кое ги надминува интелектуалните и теолошките размислувања. Во текот на својот живот, тој ни го покажува ова искуство. Овде наоѓаме извонредна карактеристика на отец Софрониј: Тој никогаш не се обиде да го задржи своето лично искуство за себе. Тој сакаше неговите браќа (прво монасите и монахињите од неговиот манастир, но и сите други што доаѓаа кај
него) да можат да добијат нешто од тоа искуство. Но, се разбира, тој никогаш не направил ништо од суета…

Имав можност да комуницирам со отец Софрониј околу петнаесет години. Добро сеe сеќавам на нашата прва средба. Веднаш, од неговите први зборови, осетив од неговото лице дека пред мене стои Божји човек … Бев импресиониран од тоа колку директен беше отец Софрониј.
Тој беше во состојба да одговори на секое прашање што му беше поставено пред лицето на Бога, со извонредна љубов, но и со голема искреност.

Животот на отец Софрониј отсекогаш бил полн со радост и хумор. Во мојата љубов за играта на зборови, зборот „хумор“ секогаш ми изгледаше како поврзан со два други збора – понизност и љубов (на француски: „humilite“ и „amour“). Мислам дека смислата за хумор на отец Софрониј беше доказ за понизноста и љубовта којашто живееше во неговото срце. Кога почнуваше да се смее, се смееше гласно.

Никогаш не сум го видел, ниту еднаш, да пее на друг начин освен преку оваа негова извонредна смеа во која тој ја покажуваше својата искрена радост. Меѓутоа, во истото време, тој беше и сериозен. Последен пат кога го видов, пред да се одлучам да го основам манастирот Св. Силуан, го прашав: „Отец, дали навистина мислиш дека треба да го направам тоа?“ Малку се тресев бидејќи ми изгледаше речиси невозможно тоа да се случи. На мое охрабрување, тој ми ги кажа овие страшни зборови: „Ова е нешто невозможно, но ти сепак направи го. Знај дека тоа нема да се случи без солзи и крв.“ Потоа додаде: „Сепак, што друго можеш да сториш? Не можеш да се вратиш назад. Дали има бездна пред тебе? Скокај, скокај!“ И потоа почна да се смее: „Јас веќе скокнав, сега тебе ти е редот!“

И еве уште неколку зборови што сакам да ги паметам во различни околности. Манастирот веќе беше основан и понекогаш се обраќав кај отец Софрониј со поплаки, кажувајќи му за перипетиите, несреќите и тешкотиите во мојот почетен период. Ме слушаше, како и секогаш, со голема љубов и добрина. Еднаш, по една моја жалба, тој рече: „Слушај, исто е и со мене! Иако не можам да му се спротиставам на Бога затоа што ми даде, се разбира во умерени количини, способност да не му се спротивставувам. Затоа постапуваји ти како мене!“

Отец Софрониј имаше посебна лична блискост со Бога. Последен пат го видов жив кога ја примив мојата монашка мантија во негово присуство. Влезе во малата соба каде што се подготвував да влезам во црквата и ми рече: „Дојдов на важна работа“. И правејќи крст, додаде: „Не грижи се! Погледни ме! Бог направи со мене што можеше; можеби помина добро, не знам. Тој ќе ми суди. Но, знај дека нашиот Бог понекогаш постапува
непромислено!“

Автор: Епископ Симеон Косек