Ние некогаш ќе бидеме судени, не според книгата на знаењето, туку по книгата на чистата совест.

Трудољубиво испитувај се себеси и својата совест, и ќе видиш дека, ако не во еден, тогаш во друг грев, ако не во големиот, тогаш во малиот, ако не преку дело, тогаш преку збор или преку помисла, ќе се најдеш себеси виновен. Ако на братот кој што згрешил, не можеш да му ги видиш помислите, ниту неговата срдечна скрушеност, тогаш, како можеш да му судиш?!

Понекогаш сметам дека е подобро самиот да паднеш и повторно да станеш, отколку да го осудиш ближниот, бидејќи оној, кој што згрешил, се поттикнува кон понижување на самиот себе и кон покајание, а оној, кој што осудува, никако не може да напредува и набргу запаѓа во гордост. Ако си згрешил во дневните часови, тогаш ако е можно, неодложно исповедај се. По вечерната трпеза појди кај својот духовен отец, поклони му се како на Самиот Христос, падни на колена, откриј му ја состојбата на твојата душа во текот на денот кој изминал, испитај се себеси во сѐ што си направил на дело или што лошо си помислил, или си говорел, или си дозволил да постапиш спротивно на својата совест, или самиот си се натажил, или си го нажалил својот ближен. Потруди се да ги забележиш и најмалите помисли кои ја нарушуваат чистотата на твојата совест, а ако не можеш сѐ да запаметиш, тогаш запиши си на хартија што треба да исповедаш. После таква прецизна и вистинска исповед, одобрување и простување ќе примиш од Самиот Бог, па целивајќи ги иконата и крстот, поклони се до земјата на твојот духовен отец и молчејќи замини во својата ќелија, притоа срдечно благодарејќи Му на Бога, што Он те удостоил со исповедта и со смирување на совеста.

Ако немаш духовен отец, тогаш по потреба можеш да го исповедаш тоа што ја вознемирува твојата совест, или на братот во манастирот, или некој друг твој близок човек, кој живее богоугодно и кој има духовен разум. Од него побарај ја молитвата и благословот. А ако пак таков близок човек немаш: тогаш нека слушнат ангелите и архангелите. Со солзи, со разобличување и укорување, и со срдечно жалење исповедај му се на Бога. Удирај се по твоите гради, и ако совеста во нешто те разобличува, тогаш е полезно и некоја духовна казна на себе да си зададеш. Постапувај така сѐ додека не добиеш можност да те исповеда твојот духовен отец.

Кон твојот духовен отец, кому треба да ги исповедаш твоите мисли и дела, секогаш имај љубов, непоколеблива вера и почит. За ништо немој да го вознемируваш, ниту да го осудуваш, па дури и ако другите го озборуваат или судат. Ако некако ти се покаже, дека тој згрешил, тогаш не вознемирувај се и довербата своја кон него не намалувај ја. Укорувај се самиот себе колку што можеш, а не него, и постојано кажувај си ги овие зборови во себе: јас, грешниот, погледнав на својот духовен отец со нечисто око, и по својата нечистотија судам за него, а заради тоа не можам ја видам неговата непорочност. Така разобличувај се, и моли се усрдно на Господа за неговото поправање.

Ако и на дело тој се сопнал, тогаш за ова размислувај вака: Господ Бог го допуштил на него искушението, а јас грешниот, како можам да го судам него, кога не сум го видел ниту неговото дело, ниту неговото покајание? Можам ли јас да ја видам неговата душа? Ако тој згрешил, можеби веќе се покајал и добил од Бога очистување. Не заборавај ги и овие зборови: пред својот Господ, тој стои и паѓа, а како јас можам да му бидам судија?!

Старец Иларион Саровски