Та како може творбите нивни да бидат богови? Тие зад себе им оставаат лага и срам на своите потомци.

Ако се случи војна или некоја неволја, жреците меѓу себе се советуваат каде да се сокријат заедно со нив.

Па како тогаш да не се разбере дека не се богови, кога и самите не можат да се спасат ни од војна ни од неволја?

Бидејќи се дрвени и обложени со злато и сребро, може јасно да се види дека се лага; на сите народи и цареви ќе им биде очигледно дека тие не се богови, туку дека се дело на раце човечки и дека во нив нема никакво Божјо дејство.

Та кој по сево ова нема да разбере оти тие не се богови?

Тие не можат да постават цар во некоја земја, ниту можат на луѓето дожд да им дадат;

не можат да размислуваат, ниту можат повреден да заштитат – затоа што и самите се немоќни, како чавки што се наоѓаат меѓу небото и земјата.

Ако се запали храмот на боговите, кои се дрвени или опковани со злато и сребро, тогаш нивните жреци бегаат и се спасуваат, а тие таму изгоруваат како греди.

Тие не можат да му се спротивставуваат ниту на царот, ниту на непријателите. Тогаш како може да се помисли и да се поверува дека се тие богови?

Тие богови дрвени, опковани со сребро и злато, не можат да се одбранат ни од крадци ниту од разбојници;

бидејќи се посилни од нив, тие им го земаат златото, среброто и облеката кои се на нив, и си одат со она што го ограбиле, а тие не можат сами да се одбранат.

Затоа е подобро да се биде цар, кој ја докажува својата храброст или некој корисен сад во куќата, со кој сопственикот се користи, отколку што се лажните богови; подобра е вратата на куќата, која го пази она што е во неа, отколку што се лажните богови; подобар е и дрвениот столб во царската палата од овие лажни богови.

Сонцето, месечината и ѕвездите кои светат, се испраќаат за потреба и тие секогаш се многу послушни.

И кога се јавува секавицата, секогаш јасно се гледа; така и ветрот – на сите страни дува.

И облаците, кога Бог им заповеда да поминат низ целата земја, ја извршуваат Неговата заповед.

И огнот, кој одозгора се праќа да уништи гори и шуми, го извршува она што му е заповедано; а тие не им се слични ни по вид ни по сила.

Па како може да се помисли и да се рече, дека се тие богови, кога немаат сила ни суд да судат, ниту можат на луѓето некое добро да им направат?

И така, кога знаете дека не се богови, не плашете се од нив.

Тие не можат да ги проколнуваат царевите, ниту можат да ги благословуваат;

знаци нема да покажат ни на небото ниту пред народите; тие не греат како сонцето, ниту светат како месечината.

Ѕверовите се подобри од нив; тие можат да избегаат во своето засолниште и да се спасат.

И така, од ништо не можеме да видиме дека се тие богови; затоа не плашете се од нив.

Како што плашилото в градина од ништо не пази, такви се и нивните опковани со злато и сребро богови.

Тие се како даб в градина, врз кој слетуваат секакви птици и како труп фрлен во темнина, такви се нивните богови, дрвени, позлатени и посребрени.

По пурпурната и скерлетна облека која на нив гние, може да разберете дека не се богови, та најпосле и тие самите ќе бидат изедени и ќе бидат срам на земјата.

И така, подобар е праведниот човек, кој нема идоли; тој е далеку од ваквиот срам.

Книга Послание Јеремиино (1, 47-72)